Дескоска: Уставниот суд да го укине спорниот дел од законот за матична евиденција

deskoska
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Поранешната министерка за правда Рената Дескоска порача преку статус на Фејсбук Уставниот суд да го поништи новото упатство и да го укине спорниот дел од законот за матична евиденција

-Одлуката на Уставен суд да почне постапка е добра вест, а законот е испочитуван бидејќи тој предвидува националност во матичните книги, а не во изводот. Изводот не мора да ги содржи сите податоци од матичната книга, објави Дескоска, откако Уставниот суд одлучи да го преиспитува новото Упатство за матични книги.


Таа наведува дека етничката припадност спаѓа во групата на „сензитивни“ податоци кои подлежат на посебна заштита согласно правилата за заштита на лични податоци.

-Други такви податоци се податоци за религиозна припадност, политичка определба, здравствена состојба, сексуална ориентација и сл. Нашата држава е потписник на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци, а јас лично во декември 2019 го потпишав и Протоколот за нејзина измена со кој дополнително се зајакнува заштитата на овие чувствителни податоци. Тој Протокол е ратификуван во Собранието во јуни 2021 и е задолжителен за нас, наведува Дескоска.

Според уставните одредби, додава таа, меѓународните договори што се ратификувани согласно со уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон, а уште помалку со упатство.

-Значи нашиот устав ги става меѓународните договори под уставот, но над законите. Согласно ова, јас очекував дека надлежното министерство ќе предложи измена на Законот за матична евиденција, заради усогласување со меѓународните обврски, а не измена на упатството за примена на законот. Ова што се случува во моментот е ретограден процес и непочитување на меѓународните обврски кои сме ги презеле како држава, оценува Дескоска.

Таа потсетува дека Законот за матична евиденција, кој е донесен во 1995 година предвидува во матичната книга да се води податок за националност на родителите.

-Првото упатство за примена на законот е донесено во 2010 година и со него е предвидено во матичната книга да се води графа за националност, но во образецот за извод од матичната книга не е предвидена оваа графа. Со тоа законот е испочитуван, без да се споделуваат сензитивни податоци пред поширок круг на луѓе, каде ќе се користи изводот. Изгледа дека во 2010, тогашниот министер имал повеќе сенс за меѓународните трендови на заштита на човековите права, од денес во 2023 година. Значи со упатството од 2010 кое е изменето и дополнето во 2015 година, беше предвидено решение, законската одредба да се примени на матичната книга, а со оглед на тоа што законот не предвидува што содржи изводот, во изводот кој е во поширока употреба, да не се споделуваат сензитивни податоци, како што е етничката припадност, пишува Дескоска.

Таа потсетува дека сме и потписник на Рамковната конвенција за национални малцинства и нашето Собрание ја има ратификувано во 1997 година.

-Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за национални малцинства, го критикува задолжителното назначување на етничката припадност во личните документи, или во внатрешните записи кои ги води администрацијата, вклучувајќи ја полицијата и здравствените власти, како спротивни на правото на самоидентификација и тоа може да се прочита во нивните толкувања на Конвенцијата. Затоа мислам дека е добра веста што дојде од Уставниот суд дека ќе го искористат судскиот активизам и ќе покренат постапка за оцена на уставноста на упатството. Би била одлична вест, доколку како епилог на таа постапка, Уставниот суд го поништи новото упатство, а го укине спорниот дел од законот, повикувајќи се на меѓународните акти кои ги имаме потпишано и ратификувано, заклучува Дескоска во објавата на Фејсбук.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK