артијата Алтернатива за Германија (АфД) има поддршка од 21 отсто од гласачите, што е рекордна поддршка за оваа крајнодесничарска партија, покажува истражувањето на Институтот ИНСА.
„Билд“ денеска пишува дека овие податоци значат дека АфД во моментов е втора најпопуларна партија во Германија и дека „и дише во вратот“ на коалицијата ЦДУ/ЦСУ, која има поддршка од 25,5 отсто од испитаниците.
Социјалдемократите (СПД) сега паднаа на трето место со поддршка од 19 отсто, а Зелените се четврти со 14,5 отсто поддршка. ФДП стагнира со поддршка од 6,5 проценти.
Заклучоците од истражувањето покажуваат дека владејачката „семафор“ коалиција (СПД/Зелени/ФДП) има поддршка од 40 отсто од гласачите во Германија, што значи дека овие партии се далеку од парламентарното мнозинство.
Сепак, според Билд, евентуалните црно-црвени (ЦДУ/ЦСУ/СПД) и црно-зелени (ЦДУ/ЦСУ/Зелени) коалиции сè уште поминуваат полошо од сегашното мнозинство.
Според весникот, би било можно само ЦДУ/ЦСУ да се обединат со СПД и ФДП, кои заедно би имале поддршка од 51 отсто од електоратот или ЦДУ/ЦСУ и ФДП да се обединат зад Зелените, што би ги довело до парламентарно мнозинство.
-Само две четирипартиски коалиции водат до мнозинство. Унијата ЦДУ/ЦСУ останува најсилната политичка опција, но АфД ја предизвикува, изјави директорот на ИНСА, Херман Бинкерт. Тој додаде дека политичкиот пејзаж во Германија се менува, но дека во моментов би било невозможно да се владее без и против ЦДУ/ЦСУ.
Истражувањето, исто така, покажа дека најпопуларен политичар во Германија и натаму е министерот за одбрана Борис Писториус од СПД (52,8 отсто од поддршката), додека канцеларот Олаф Шолц (40,8 отсто) скокнал од седмото на шестото место.