Живко Мукаетов почесен конзул на Кралството Норвешка во Северна Македонија

mukaetov
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Почесен Конзулат на Кралството Норвешка денеска беше отворен во просториите на „Алкалоид АД“ Скопје, чиј генерален директор Живко Мукаетов ќе ја врши функцијата на почесен конзул во земјава.

На официјално отворање на конзулатот во присуство на министри во Владата, претставници на бизнис заедницата, на дипломатскиот кор, пријатели и деловни соработници, се обрати државниот секретар во норвешкото МНР,  Ајвинд Вад Петерсон кој го потенцира одбележувањето годинава на 30 години од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји, кои рече станаа соседи по азбучен ред во именувањето во меѓународните организации откако државава го промени името.


Тридецениското партнерство меѓу двете земји, нагласи тој, е исполнети со разновидна соработка, ги поздарви напорите на земјата како претседавач на ОБСЕ, сојузништвото во НАТО Алијансата. Петерсон ја истакна и поддршката за членство на земјата во ЕУ, подвлекувајќи дека Норвешка е најголем билатерален донатор на Инвестициската рамка за Западен Балкан преку која од 2019 година поддржани се 29 проекти во Северна Македонија во вредност од 2,6 милиони евра кои придонесоа за отворање нови работни места, но и за унапредување на услугите во области како образование, здравство.

-Можам да кажам многу примери, кои веќе покажуваат дека Норвешка и Северна Македонија имаат долга историја на соработка темелена на заемно почитување и на споделени вредности. Преку дијалог и разбирање ќе продолжиме да ги негуваме односите на доверба. Норвешка е силен сојузник и партнер на Северна Македонија поддржувајќи го вашиот пат, патот на вашата нација кон евроинтеграциите и ќе продолжи да негува одржлив развој во различни области. Заедно се бориме за мир, стабилност и просперитет, не само на блиските граници туку и глобално. Силата лежи во единството а прогресот се постигнува преку заеднички напори, порача Петерсон посакувајќи му успех во работата на почесниот конзул Мукаетов како влог во натамошниот развој на односите меѓу двете земји.

Новата функција на Мукаетов му ја честита и државниот секретар во МНР на Северна Македонија Иван Тосевски, кој подвлече дека отворањето на почесниот конзулат претставува своевидна круна на годинашното одбележување три децении од билатералните односи меѓу Скопје и Осло.

-Вредната и голема финансиска норвешка поддршка за Северна Македонија е од големо значење за нашите реформски процеси. Поддршката која Норвешка ја дава за земјава и во однос на нашето претседавање со ОБСЕ во овие значајни геополитички времиња е исто така од големо значење, рече Тосевски изразувајќи благодарност и уверување дека новотоворениот конзулат ќе придонесе и за унапредување на билатералната економска и културна соработка.

Мукаетов порача дека е чест да биде почесен конзул на Норвешка и дека целосно ќе биде посветен на унапредување на соработката меѓу двете земји.

-Јас и мојот тим ќе направиме се за промоција на Кралството Норвешка и на билатералните односи меѓу двете земји кои се сојузници во НАТО, за унапредување на соработката, рече почесниот конзул.

Мукаетов покрај конзул на Кралството Норвешка во Скопје, веќе 16 години ја извршува и функцијата Генерален конзул на Кралството Данска.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK