Како држава имаме посебен интерес за функционирањето и успешната работа на оваа регионална платформа за соработка, не само поради фактот што нејзиното седиште се наоѓа во Скопје, туку и поради тоа што мандатираните области на соработка на МАРРИ се теми кои се од интерес на целиот регион, но и на Европската Унија, поради што нудат особено солидна основа за работа и развој и помеѓу нас самите, но и во содејство со европските и други меѓународни и регионални организации, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на Министерскиот форум на МАРРИ, што се одржува во Клубот на пратеници во Скопје.
Тој упати честитки до новоизбраната раководителка на Центарот МАРРИ, Снежана Трајановска, која во текот на вчерашниот ден од страна на Комитетот на оваа платформа беше изгласана и избрана со мнозинство од гласовите.
По повод формалното предавањето на претседателството со МАРРИ од Република Северна Македонија на Република Србија, министерот Спасовски рече дека остануваат неколку процеси кои треба да бидат продолжени, многу идеи кои треба да прераснат во конкретни проекти.
-Лично сум убеден дека новиот претседавач со Иницијативата – Република Србија – надградувајќи се со своите одлично конципирани приоритети во претстојната година – ќе ја однесе оваа Иницијатива на уште повисоко ниво, а меѓународните партнери одново ќе ја препознаваат како вистинска адреса за многу регионални прашања, истакна министерот Спасовски, посакувајќи успешно претседавање со МАРРИ 2023 – 2024 година.