Во Брисел денеска почнува дводневната средба на шефовите на држави или влади на ЕУ, со што официјално завршува шведското претседавање со Унијата и претседателството со блокот во следните шест месеци го презема Шпанија.
Главни теми на овој дводневен Самит на ЕУ ќе бидат руската агресија врз Украина и континуираната поддршка од Унијата за Украина, како и прашања поврзани си за безбедноста и одбраната, миграцијата, економијата и надворешните односи. Прашањето за проширувањето на ЕУ официјално не е меѓу темите за расправа на средбата.
Во делот на состојбата во Украина, се предвидува ЕУ да ја реафирмира својата цврста поддршка за земјата и нејзиниот народ и со определба да продолжи да ги поддржува украинската економија, општество и вооружените сили, како и идната реконструкција на државата.
Од почетокот на, како што ја нарекува Брисел, агресивната војна на Русија против Украина, ЕУ и нејзините земји членки ставија издвоија над 77 милијарди евра за помош на Киев и воведоа серија на рестриктивни мерки против Москва.
Во однос на прашањата за безбедноста и одбраната, се очекува европските лидери да ја реафиримираа посветеноста на Унијата да преземе поголема одговорност за својата безбедност и да го зголеми својот капацитет за автономно дејствување, притоа признавајќи ги трансатлантските односи и соработката меѓу ЕУ и НАТО како клучни за нашата севкупна безбедност.
Во овој поглед, лидерите на ЕУ ќе направат анализа на постигнатиот напредок во однос на спроведувањето на заклучоците од претходните средби, вклучително и Версајската декларација, со која се предвидени мерки за зајакнување на одбранбените способности на Унијата, како и Стратешкиот компас, кој предвидува сет на активности за обезбедување на интересите на блокот и заштита на европските граѓани.
Според најавите, се очекува лидерите на земјите членки да дадат дополнителни насоки за безбедносниот и одбранбениот капацитет на ЕУ, особено во однос на набавките, инвестициите и производството, а ќе разговараат и за претстојниот Самит на НАТО, што ќе се одржи на 11 и 12 јули во литванскиот главен град Вилнус и за соработката на Унијата со Алијансата.
Поврзано со безбедноста на ЕУ, на средбата во Брисел ќе стане збор и за проблемот со миграцијата, при што е предвидено Претседателството на Советот на Унијата и Европската комисија да ги информираат ќе го информираат лидерите за досегашниот напредок во спроведувањето на одлуките поврзани со миграцијата, пред се оние од специјалниот состанок на Европскиот совет посветен на мигрантското прашање одржан во февруари годинава.
Лидерите на ЕУ на дводневниот самит ќе се осврнат и на економската ситуација во ЕУ, како и на прашањата поврзани со зајакнување на економската безбедност, индустриската политика на Унијата и состојбите на единствениот европски пазар и долгорочната конкурентност и продуктивност на Европа.
На Самитот во март годинава, лидерите на ЕУ разговараа за начините на изградба на економијата на блокот во следниот период, со цел да обезбеди долгорочен просперитет и повикаа на активности за зајакнување на единствениот пазар, особено во делот на дигиталните услуги и справувањето со последиците предизвикани од економско-енергетската криза и ковид пандемијата.
Во контекст на дигитализацијата Европската комисија вчера претстави нацрт-законот за воведување на „дигитално евро“. Со предлогот се предвидува „дигиталното евро“ да стане законско средство за плаќање, со што ќе се надополнат еврата во готовина и дигиталната европска валута да може да се користи во малопродажба.
Во делот на надворешната политика на ЕУ се очекува европските лидери да одржат стратешка дискусија за Кина, а ќе разговараат и за претстојниот самит на ЕУ со Заедницата на државите од Латинска Америка и Карибите (ЦЕЛАЦ), што ќе се одржи кон средината на следниот месец во Брисел.