И покрај горештините, стотици илјади муслимани учествуваат во клучниот ритуал од аџилакот во Саудиска Арабија

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Стотици илјади муслимански аџии денеска го извршија ритуалот на каменување на ѓаволот за време на аџилакот во Саудиска Арабија. Ритуалот се одржа и покрај големата горештина.

На утрински температури од над 42 степени Целзиусови, огромни толпи аџии пристигнаа пеш или со автобус до огромниот комплекс Џамарат на периферијата на светиот град Мека, каде што големите пешачки надвозници ги водеа до трите големи столбови кои го симболизираат ѓаволот.


Ритуалот беше засенет од трагедии неколку пати во 1990-тите и почетокот на овој век, кога стотици луѓе загинаа во стампеда. Оттогаш, саудиските власти ги изградија огромните пешачки надвозници и го направија местото побезбедно за аџиите. Оваа година најголема закана за нив може да бидат горештините.

Аџиите денеска се криеја под чадори и се полеваа со минерална вода. Саудиските власти распоредија десетици илјади здравствени работници и волонтери да се грижат за аџиите и да делат шишиња со вода. Тамошното Министерство за здравство синоќа соопшти дека 287 лица се примени на лекување поради сончев или топлотен удар.

Годишниот аџилак е еден од петте столбови на исламот и од сите муслимани се бара да го спроведат барем еднаш во животот доколку се физички и финансиски способни. За аџиите тоа е уникатно религиозно искуство кое ги брише гревовите, ги доближува до Бога и ги среќава со други муслимани од целиот свет.

Прославата на Курбан Бајрам, која се одржува за време на аџилакот, почна денеска во повеќе земји на Блискиот Исток.

Ова е првиот аџцилакот по подолго време што се одржува без ковид-ограничувањата. Властите очекуваа околу два милиони аџии, но според официјалните податоци објавени доцна синоќа, околу 1,8 милиони луѓе учествуваат на аџилакот. Ова е значително помалку од речиси 2,5 милиони луѓе кои учествуваа во 2019 година и може да се должи на глобалните економски проблеми.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK