Група американски сенатори бараат од Бајден да даде приоритет на решавање на ситуацијата во Косово

bajden
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Група американски сенатори побараа од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден „да му даде приоритет на решавањето на влошената безбедносна ситуација меѓу Косово и Србија“.

Во писмото, потпишано од осум демократски и републикански сенатори, се бара Бајден да размисли за одложување на продажбата на воена опрема, доколку двете страни не се обврзат да го почитуваат европскиот предлог за нормализација на односите, јавува денеска Радио Слободна Европа. Косово и Србија го прифатија овој предлог на крајот на февруари, а во март го договорија Анексот за негово спроведување.


Тензиите на северот на Косово, каде живее мнозинско српско население, се зголемија на крајот на мај кога косовските власти овозможија во општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток да влезат гградоначалниците Албанци, избрани откако Србите ги бојкотираа априлските избори.

РСЕ наведува дека Косово и Србија меѓусебно се обвинуваат за подигање на тензиите, додека, како што вели, меѓународната заедница ја префрлила одговорноста главно на Косово и бара да се распишат нови избори, да се повлече полицијата од општинските згради, а градоначалниците Албанци во меѓувреме да работат на алтернативни локации. Од Србија се бара да обезбеди безусловно учество на Србите на евентуалните избори во општините на север.

Американските сенатори го повикуваат претседателот Бајден „да изврши дипломатски притисок за да се стави крај на сегашната криза“.

Тие исто така предупредија на преиспитување на поддршката од Конгресот, доколку Косово и Србија „не се воздржат“ и ако не работат на деескалација.

Сенаторите побараа од администрацијата на Бајден да поднесе извештај до американскиот Сенат за актуелната безбедносна ситуација во северно Косово.

„Ние сме особено загрижени за безбедноста и добробитот на речиси 600 американски војници кои служат во КФОР. Ги цениме дипломатските напори на САД за смирување на кризата, но тие напори не беа возвратени, особено од Косово“, се заклучува во писмото.

РСЕ потсетува дека меѓународната заедница презеде неколку казнени мерки против Косово поради игнорирање на барањата за смирување на тензиите. Еден од нив е исклучувањето од големата воена вежба предводена од САД, додека во меѓувреме ЕУ најави нови мерки против Косово оваа недела.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK