Во рамки на традиционалните Отворени денови, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ денеска ја отвори осмата Меѓународна научна конференција, годинава на тема: „Крсте Мисирков и македонскиот јазик – извор на научни истражувања“, која е во знакот на два јубилеја: 70 години од основањето на Институтот и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков.
Директорката на научната установа, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, е задоволна што од година во година се зголемува бројот на учесници на конференцијата. На отворањето соопшти дека на првата биле 35, оваа година има над сто учесници, а конференцијата го задржала континуитетот и за време на пандемијата.
-Нашата научна мисла е поттикната и од одбележувањето на другите годишнини во рамките на Отворените денови и на меѓународната конференција – 80 години од првиот час на македонски јазик во кичевското село Подвис, 90 години од раѓањето на нашиот колега и поранешен в.д. директор Мито Аргировски, 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, 120 години од погибијата на Гоце Делчев, 80 години од загинувањето на Кочо Рацин, 30 години од заминувањето на професорот Блаже Конески, 25 години од заминувањето на професорот Божидар Видоески, рече директорката на Институтот.
Таа истакна дека во своето седумдецениско постоење Институтот, кој е придружна членка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, израснал во почитуван славистички центар и во еминентен центар за проучување на македонскиот јазик на сите рамништа.
За Мисирков рече дека е првиот неофицијален кодификатор на македонскиот литературен јазик кој порачал: Јазикот е наше духовно благо.
-Затоа го проучуваме, го ексцерпираме, го дигитализираме, го предаваме на младите генерации, додаде Јованова-Грујовска, потсетувајќи на завршениот проект за дигитализација на пет милиони ливчиња лексички материјал од картотеките на Институтот.
Се осврна и на богатата издавачка лексикографска продукција на Институтот, за плановите за идни изданија, а во оваа пригода беше претставено фототипско издание на книгата „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков кое Институтот го објавил во 1974 по повод еден век од раѓањето на авторот.
Претседателката на Организацискиот одбор на годинашната конференција, проф. д-р Лидија Тантуровска, рече дека таа ќе се одржува денеска и утре во Институтот во три паралелни сесии. Пријавени се 110 учесници, од кои повеќе од 50 се странски слависти од: Албанија, Босна и Херцеговина, Полска, Србија, САД, Хрватска, Црна Гора и Чешка.
-Покрај традиционалните теми – словенско ракописно наследство, дијалектолошки, граматички, лексиколошки, стилистички, социолингвистички истражувања, носечка тема на годинашната конференција е 120 години од објавувањето на „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков, книга од непроценлива вредност за афирмација на македонскиот јазик. Досега се напишани стотици страници за Крсте Мисирков и за неговата книга, но кога се навраќаме, има што да се истражува и што да се каже за најзначајниот Македонец на 20 век, кој се смета за првиот кодификатор на македонскиот стандарден јазик, рече Тантуровска.
Конференцијата со поздравно обраќање ја отвори претседателот на државата Стево Пендаровски, кој порача дека Мисирков и книгата „За македонцките работи“ „биле и остануваат да бидат стожерот на македонскиот јазичен, национален и културен идентитет“.
-Важно е да го чуваме сознанието дека нашето постоење, јазик, уметност, култура, нашиот светоглед не постојат затоа што се верификувани од другите, туку затоа што се јадрото, самата суштина на нашите животи која ни овозможува траење низ времето и просторот, истакна Пендаровски.
Во рамки на оваа конференција ќе биде промовиран Зборник со трудови од учесниците на минатогодишната конференција.