– Авторката Ана Љубиќ од Куманово за песната „Сон“ ја доби првата награда со златна плакета за време на синоќешната завршна манифестација на шестиот фестивал на поезија за деца „Стихувалки 2023“, што се одржа во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.
Втората награда со сребрена плакета ја доби авторката Силвана Димитриевска од Скопје, за песната „Волшебната шума“, третата награда со бронзена плакета ја доби Марија Богатиновска од Пробиштип, за песната „Најцврстата куќа“, а специјална награда за најдобра песна од странски автор беше доделена на авторката Татјана Томиќ од БИХ, за песната „Болното зајаче“.
Специјална награда за освоени најголем број гласови од публиката доби Ана Љубиќ од Куманово за песната „Сон“ којашто доби над 960 гласови на фејсбук страницата на фестивалот.
На свеченоста се доделија 92 признанија и исто толку примероци од книгата – збирката поезија за деца, голем број благодарници, плакети за наградените и пригодни подароци од страна на организаторот ЕДУКА МАК.
Збирката поетски творби „Стихувалки 2023“, во која беа застапени 92 автори ја промовираа авторките проф. д-р Кристина Николовска и Лила Арсова.