– Виолета Танчева-Златева со нејзината песна „Севселенска“ е годинашна лауреатка на шестиот меѓународен конкурс „Антево слово“, распишан од Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“, во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст“ – Струмица“.
Како што соопштија од тимот на „Антево слово“, одлуката за наградата едногласно ја донесе жири-комисијата на „Антево слово“ 2022/ 2023 година во состав на претседателот Митко Гогов, членовите Атина Цветаноска, Иван Антоновски, Александра Јуруковска, Жорж Поповски и надворешниот соработник од Сицилија, Геро Ла Векија, по разгледување на повеќе од 120 пристигнати дела.
-И во оваа песна на Виолета Танчева-Златева, лирскиот субјект истовремено е и поетовото Јас и општочовечкото Ние, при што рафинираноста на поетскиот израз и овојпат се остварува и со авторска почит кон македонскиот литературен јазик која остава печат врз стилот на оваа поетеса. Песната се надоврзува на претходните творечки резултати на Танчева Златева и е уште едно камче од поетскиот мозаик што го гради со нејзините поетски книги објавени изминативе неколку години. Но тој мозаик е резултат на автентична поетика која е дел од естетската вертикала на современата македонска поезија, пишува во образложението жири-комисијата.
Славица Гаџова Свидерска за песната „Картографија на себеси“ е добитничка на втората награда, а Иван Иванов за песната „Сега и сетне“ и Омобоно Лила од Канада за песната „Голема е емоцијата“ се носители на третата награда, додека Лука Иванов за песната „Таворската светлина“ е добитник на наградата за млад автор.
Наградените автори ќе бидат застапени во новата антологија на Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“.
Фото/ „Антево слово“