Интернационализацијата на универзитетите е веројатно иднината на образованието. Колку побргу се воведат студиски програми на англиски јазик на сите факултети, толку побрзо ќе се реши и проблемот со одлив на средношколци, кои заминуваат во Словенија, Бугарија и во други држави, вели во интервју за МИА ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Дејан Мираковски.
– Веројатно такви се трендовите на глобализација. Така што, сигурен сум дека тој процес ќе стане уште поинтензивен. Тоа е интересно не само за странските, туку и за нашите студенти, вели Мираковски во видео интервјуто снимено во прес-центарот на МИА во Штип.
Од минатата година на овој Универзитет веќе има неколку акредитирани програми на англиски јазик, а речиси сите факултети работат на нови студиски програми на англиски јазик.
Универзитетот „Гоце Делчев“ е меѓу првите во земјата, којшто уште од самиот старт го фати чекорот со дигитализацијата. Има воведено е-индекс, е-библиотека и разни платформи, коишто им помагаат на студентите и наставниците.
-Имаме и електронска библиотека, во којашто во целост нашите студенти можат бесплатно да ги преземат материјалите на учење. Сега скоро прославивме 1.000 наслови, во таа електронска библиотека, со што во целост се покриени сите области на изучување на Универзитетот, со соодветни наставни материјали, вели Мираковски.
Во видео интервјуто, Мираковски говори и за потребата од кадар на Природно-техничките факултет, како и за плановите кои и има за Факултетот за медицински науки. Тој како експерт за аерозагадувањето во интервјуто за МИА открива дека почнати се истражувања и за аерозагадувањето и во градовите Куманово, Кавадарци, Струмица, Гостивар и Струга.
Интервјуто со видео материјал го пренесуваме во целост:
Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип е меѓу помладите Универзитети во земјава. Во моментов е актуелна дигитализацијата на универзитетите и фаќање на чекор со дигитализацијата, меѓутоа и воведување на нови студиски програми на англиски јазик. Дали Универзитетот „Гоце Делчев“ ги следи овие трендови во високото образование?
– Универзитетот уште од самото основање некако беше насочен кон воведување на дигиталните алатки во образованието, и не само дигиталните алатки во трансферот на знаење, туку и во сите придружни сервиси на вработените, и на студентите, и со право може да кажеме дека сме еден од лидерите во оваа област. Кај нас, најголем дел од административните услуги се кон студентите, па и кон вработените се целосно дигитализирани. Имаме посебни платформи, како што е е-индекс, внатрешна платформа со сите потребни барања за вработените така што, целиот тој процес веќе има континуитет и функционира. Постојано се обидуваме да го подобриме и воведуваме новини во тој сегмент, но секако и во сегментот на поголем степен на дигитализација во областа на образованието. Тоа подразбира нови хибридни модели на учење односно на трансфер на знаење, хибридни модели на испитување на знаењата. Користиме неколку платформи што се покажаа како многу успешни во периодот на пандемијата, којашто, покрај многу лошите работи што ни донесе, ни донесе и знаење како да постапуваме и како подобро да ги искористиме тие платформи. Сега некако тоа стана многу поприродно и од страна на студентите, но и од страна на вработените што беше можеби и примарна пречка во посериозно воведување на овие алатки. Мислам дека и од „Мајскрософт тимс“ платформата, којашто кај нас е целосно поддржана со кампус лиценците, ни овозможува да доставиме и многу други алатки за поставување на видеа, материјали. Ние направивме некаде околу 100.000 часа предавања. Тие остануваат, се зголемуваат, се подобруваат, тоа е една платформа. Имаме модул платформа којашто пак овозможува да креирате курсеви, на испити да креирате квизови, прашања, тестови, и целото тоа е функционално на едно доста високо ниво. Покрај тоа имаме и електронска библиотека, во којашто во целост нашите студенти можат бесплатно да ги преземат материјалите на учење. Сега скоро прославивме 1.000 наслови, во таа електронска библиотека, со што во целост се покриени сите области на изучување на Универзитетот, со соодветни наставни материјали.
Имаме матуранти коишто завршуваат, сакаат да заминат на студирање во Словенија, во Бугарија. Некои од тие универзитети им се атрактивни. Дали Вие почнавте да го следите тој тренд, да се изучува одредена студиска програма на англиски јазик? Лани имавте, но дали годинава го проширувате тој спектар на студиски програми на факултетите?
– Интернационализацијата на универзитетите е веројатно и иднината на образованието, тоа го прават сите поголеми современи универзитети. Ние, од минатата година веќе имаме неколку програми акредитирани. Оваа година планираме воведување на дополнителни студиски програми, а работат речиси сите факултети на нови студиски програми на англиски јазик. Интересно е тоа не само за странските студенти, туку и за нашите државјани. Веројатно трендовите се такви на глобализација. Така што, сигурен сум дека тој процес ќе стане уште поинтензивен, во моментот имаме многу атрактивни програми на англиски јазик. Тоа се програмите на Факултетот за медицински науки, општа медицина. Се подготвува акредитација и на стоматологија. Веројатно ќе следи релативно брзо и на фармација. Тоа е атрактивно и за студентите од другите држави, но како што спомнав и за наши државјани. Имаме на Правниот факултет, меѓународно право и дипломатија. Се воведува на Факултетот за информатика, техничките факултети, набрзо и тие следат со свои програми на англиски јазик. На уметностите се веќе присутни подолго време и раширени овие програми. Мислам дека ќе успееме барем педесетина проценти од покриеноста на македонски јазик, во наредните една до две години да ги надополниме со програми и на англиски јазик.
Факултетот за медицински науки е најголем факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“, кој е интегриран Универзитет. Според Вас, зошто е тој голем наплив на студенти на Медицинскиот факултет, а не и на природно-техничките факултети, каде што исто така има развој и перспектива за младите луѓе?
– Како што спомнавме младите се динамични. Сами ја гледаат нивната перцепцијата, што во дадениот момент е интересно. Ние, подолг временски период, имаме недостаток на кадар, медицински кадар во земјата. За жал, како земја извозник на работна сила на некој начин, подготвуваме во голема мера и кадар којшто заминува надвор од државата. Медицинскиот факултет се етаблираше како навистина квалитетна институција, којашто овозможува квалитетно знаење. Нашите студенти, можам слободно да кажам, се навистина одлични. Дипломираните студенти бргу се снаоѓаат во процесите, добиваат соодветни лиценци, дури и во странски држави се снаоѓаат одлично, и за жал голем дел од тие дипломирани студенти, во просек околу стотина годишно ги губиме во странство. Пак ќе кажам, младите бираат или ја креираат перспективата. Ова е струка која што веројатно и во иднина ќе биде неопходна. Со сегашните процеси на воведување на поголем степен на дигитализација, замена на работните места, можеби се создава и некоја конфузија, кои се оние места што имаат перспектива, но некако овие струки веројатно им се чинат посигурни. Има повеќе причини. Таму се запишуваат навистина квалитетни студенти, одржуваат квалитетно ниво на настава, на практична настава. Ние имаме договори со најголемите и најдобрите болници во државата и некако тоа меѓу студентите е прифатено, и станува уште популарно и се надевам дека ќе продолжат со тој квалитет што го остваруваат.
Порано проблем беше наставниот кадар на Медицинскиот факултет. Сега кој е најголемиот проблем, дали студентите имаат добри услови за студирање на овој факултет?
– Правиме максимални напори да имаме квалитетни услови за студентите. Имаме соодветна инфраструктура – од амфитеатар, предавални, вежбални, договори со како што спомнав најголемите болници во овој регион, но и во државата во целина. Кадарот веќе навистина не е проблем. Сметам дека имаме врвен кадар не само на регионално, туку и на национално ниво. Главен проблем засега е немањето на една зграда, во која ќе функционира. Сега тие се дисперзирани во повеќе објекти на Универзитетот. Наставата се одвива, но тоа движење веројатно претставува одреден проблем и за студентите и за наставниот кадар. Еден од приоритетите ни е да направиме нова зграда на Медицинскиот факултет, којашто ќе биде наменета и за институтите, односно за научно истражување и за целосно одржување на сите административни и образовни активности на факултетот на едно место.
Факултетите за природно-технички науки и Земјоделскиот факултет ги имаат најсовремените лаборатории. Средства за опремување на овие лаборатории добивате од државата, односно од Министерството за образование и наука. Дали ги направивте овие лаборатории да бидат пристапни и за студентите и за средношколците, имавте таква идеја?
– Таа идеја во целост ја реализиравме, но од почетокот пристапот е таков. Го градиме тој пристап на отворена наука. Не само студентите и истражувачите од нашиот факултет, туку од сите универзитети во државата, па дури и од регионот, можат да дојдат, да работат. Се трудиме да ги покриеме сите неопходни трошоци, без никакви трошоци за студентите. Во последно време правиме обиди да се поврземе подобро со средните училишта и развивме еден вид софтвер за комуникација, во кој талентираните студенти, идни студенти средношколци ни даваат информации за нивните знаења и интереси. Да пробаме, да им ги направиме уште подостапни, и да може да се вклучат во нашите истражувања, во целост. Тоа е одличен систем, кој овозможува студентите и средношколците да добијат врвни услови за работа, а ние да имаме врвни идни колеги.
Колку помага тоа што имате одлука за стипендирање на 10 најдобри идни студенти на факултетите, кои се ослободени од плаќање на партиципација?
– Не се десет, многу повеќе се, бројките се зависно од големината на факултетот, од 40 на најголемиот факултет го спомнавте Медицинскиот факултет, па потоа 30 имаме на Информатика, по 20 на техничките и на најмалите се по десет. Сакаме на сите добри ученици да им ги намалиме трошоците за студирање и верувам дека тоа ќе им значи. Првата година се ослободени целосно од партиципација, потоа имаат други програми – дел во рамките на МОН, можности за стипендирање. Ние, правиме обиди да ги ослободиме повторно од партиципација, најдобрите во сите студиски програми, а за среќа голем број од компаниите стануваат се поактивни во стипендирањето и ангажирањето на студентите уште во текот на нивното студирање.
Најновите податоци покажуваат дека 69 проценти од средношолците во земјава се запишани во средни стручни училишта. Но, на факултетите ми се чини дека оваа бројка не се совпаѓа.
– Па добро, во средните стручни училишта влегуваат веројатно и медицинските науки. И тој број, во голема мера, продолжува на повисоки степени на образование на факултетите, соодветно на нивните струки. Кај техничките науки, за жал, не се поклопува. Повторно ќе кажам, инженерските науки, некако не успеваат да добијат атрактивност кај младите луѓе, иако верувам дека тоа е иднината на идните кариери. Не може да функционирате без поголем степен на познавање на реалните проблеми. Инженерите ги решаваат реалните проблеми, на сегашноста.
Според вас, како може да се реши овој предизвик и дали средношколците и учениците во основните училишта немаат доволно знаење за математика или природно-технички науки?
– Не би рекол дека немаат доволно знаење. Некако тој предмет го држат, како многу тежок предмет. Веројатно треба да работиме, сите заедно и веројатно ни требаат многу подобри програми и во основното образование и подобра обученост на наставниците и во основното и во средното и во високото образование, коишто ќе ги направат подостапни овие струки, а заедно со стопанските организации, односно со компаниите од реалниот сектор, ќе треба да ги привлечеме со јасен показател за нивните идни кариери, идните примања, идните можности. Така веројатно младите луѓе ќе можат полесно да се одлучат, до колку знаат кои се идните развојни можности, што можат да очекуваат, а треба и да работиме да им ја покажеме убавината на овие професии. Навистина е задоволство да може да работите на решавање на некој реален проблем, да видите дали тоа што сте го проектирале е изградено како што сте го проектирале, дали одредени податоци, коишто сте ги собрале, помогнале за подобар квалитет на животот, за подобрo, просперитетно општество. Тука не успеавме најдобро да се прикажеме пред младите, иако верувам дека сега со поголемата комуникација и отвореност, тоа ќе почне да се менува.
Ги надминавте ли недорабирањата и критиките од бизнис секторот што во изминатиот период говореа дека средните училишта, вискообразованите институции, односно факултетите не продуцираат квалитетн кадар?
– Не мислам дека тоа е точно. Наши студенти се директори на многу успешни компании. Имаат свои компании, релативно лесно се движат низ кадарот. Можеби немаме кадар соодветен на тоа што е барањето, но не можеме да продуцираме, ако немаме влез, не може да имаме излез. Значиза одредени струки, за жал, имаме многу мала заинтересираност.
Потребна ли е поголема отвореност од страна на бизнис секторот?
– Дефинитивно треба да работиме заедно. Бизнис секторот ако сака да продуцира кадар, којшто има специфични знаења, обично тоа во поразвиените економии се решава со дополнителни специјализирани обуки, краткотрајни од три, шест и девет месеци во кои може да работат во исто време и во компаниите и да изучуваат специфичната проблематика на универзитетите. Целото тоа е веројатно правец со којшто ќе се надминат, овие да кажам, разлики меѓу перцепцијата во бизнис секторот и универзитетите, иако јас сум сигурен дека квалитетот на кадарот што го продуцираме, е на соодветно ниво.
Уписите се во август. Какви бројки очекувате? Почнавте ли кампања да привлечете студенти?
– Кампањата да привлекуваме студенти кај нас е отворена 12 месеци. Тоа воопшто и не го прекинуваме. Како што спомнав, се трудиме да соработуваме со средношколците, воведовме некои новини да се доближат, да можат да учествуваат и во лабораториите и во заедничка работа на проектите. За жал, имаме драстични демографски промени коишто некако се интензивираат во последните години. Бројот на ученици во државата во средните училишта и основните училишта, од година во година опаѓа. Се надеваме дека ќе успееме да ги задржиме некако. Универзитетот е стабилен, последните две-три години сме на исто ниво. Ќе успееме да ги задржиме минатогодишните бројки околу 1.500 запишани студенти. Нашите позиции и нашите слободни места се околу 2000. Тоа е солиден степен на пополнетост и се надеваме дека ќе успееме да го оствариме.
На македонската јавност сте познати по лабораторијата АМБИКОН и по истражувањето за загадувањето на градот Скопје. До каде е истражувањето, има ли некои поместувања за аерозагадувањето за Скопје?
– Сега веќе се во фаза. За да се намалат параметрите освен да ги детектирате проблемите треба да се насочите и кон решавање на тие проблеми. Кај нас проблемот е слоевит. За жал, некои работи ќе мора да ги правиме подолг временски период и многу поупорно отсега што ги правиме. Во моментот, правиме слично истражување во други пет града во внатрешноста, вклучени се Куманово, Кавадарци, Струмица, Гостивар и Струга. Се работи на истражување на изворите на загадување. Некои од нив се индустриски, некои немаат никаква индустрија. Да видиме што точно ги загадува и тие региони. Верувам дека ако поупорно работиме на решавање на проблемите, релативно брзо ќе ги видиме резултатите.
Во овие градови колку време ќе траат истражувањата?
– Истражувањата почнаа оваа пролет. Ќе траат некаде до средината на наредната година. Првите резултати до крајот на наредната година. Тука е интересно што вклучивме уште една компонента, која е веројатно и попроблематична за квалитетот на живот и повеќе го загрозува здравјето на луѓето. Тоа е квалитетот на воздухот во затворените простории. Фокусирани сме на училиштата и на градинките. Да го видиме квалитетот во просториите во коишто нашите деца поминуваат голем дел од времето.
Во Скопје дали ќе се намали загадувањето на воздухот, доколку се промени начинот на превоз, односно се замени автобускиот превоз со некој друг вид на превоз?
– За жал, за Скопје проблемот е слоевит и најголемото загадување доаѓа како резултат на согорување на огромни количини на разни видови горива, пред се од загревање во текот на змиската сезона. Цврстите горива, на пример дрвата, како и нафтата, посебно во старите горилници и печки се енормно висок извор на загадување. Моето лично убедување е дека додека не направиме значаен исчекор во тој сегмент, нема да имаме подобри резултати. Сообраќајот секако има влијание, но, овие епизоди на екстремно загадување ќе продолжат и ќе ги имаме се додека не направиме исчекор во поефикасен начин на загревање на домовите во урбаните средини.