Иницијативата за уставни измени на работната група се уште не е ставена на дневен ред на седница на Владата, а премиерот Димитар Ковачевски изјави дека уставните измени ќе се најдат на една од наредните владини заседанија, откако ќе бидат подготвени сите пропратни документи за да бидат испратени до Собранието. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ најави дека Владата сака да го надополни и да го зацврсти образложението на иницијативата за уставни измени со дополнителни аргументи околу процесот на преговори со ЕУ и за нејзиното значење во процесот на преговори со Унијата.
– Сметам дека имаме време да ги донесеме уставните измени. Пред нас е период кога ќе се водат разговори, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Премиерот е дециден дека е потребно и опозицијата да учествува во носењето на оваа одлука што е исполнување на еден од чекорите кон полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ.
– Од ВМРО-ДПМНЕ се согласија да бидат дел од влада која ќе значи влада на обединување, за да се донесе оваа одлука, да се заврши процесот на уставните измени, да се заврши процесот на скрининг, да се отворат поглавјата и да затвориме барем две поглавја од првиот кластер и потоа да се оди на избори. Сега останува на опозицијата да го кажат ставот од име на партијата, пренесен преку нивниот претседател. Пред нас е период кога ќе се водат разговори и кога оваа одлука треба да биде донесена, рече Ковачевски.
Според премиерот, сега е геостратешкиот момент за носење на ваква одлука, а она што можеме да очекуваме од ЕУ е да биде уште поконсолидирана и е отворена за прием на нови членки.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во изјава за медиумите во четвртокот најави дека Владата сака да го дополни и да го зацврсти образложението на иницијативата за уставни измени со дополнителни аргументи околу процесот на преговори со ЕУ и за нејзиното значење во процесот на преговори со ЕУ, а потоа да ја достави до Собранието.
Маричиќ смета дека треба да се даде уште неколку дена шанса за дијалог со опозицијата пред Владата да ги пушти уставните измени до Собранието, иако е јасно дека тие немаат намера повторно да седнат на маса.
Иницијативата за уставни измени, според него, не е никаде заглавена и тие се разгледуваат од сите аспекти.
– Не се никаде заглавени. Знаете тоа е сепак иницијатива за измена на Уставот. Ние ги разгледуваме сите аспекти. Имавме неколку консултативни средби и со самата работна група која што ги работеше. Јас очекувам Владата да процени кога е најдобар момент за да ја пушти иницијативата во Собрание. Сметам дека треба да се даде уште неколку дена шанса за дијалог со опозицијата иако јасно е дека изгледа тие немаат намера повторно да седнат на маса, рече Маричиќ.
Нашата врата ќе остане отворена за дијалог, вели вицепремиерот, додавајќи дека ќе продолжи можноста за дијалог и кога уставните измени ќе влезат Собранието, затоа што процедурата трае бидејќи од доставувањето на иницијативата до првото гласање има 30 дена.
-Ние рековме дека би сакале во текот на летото да ги испратиме амандманите во Собранието. Крајниот рок за завршување на комплетната процедура знаеме дека е крајот на ноември. Почетниот краен рок би требало да биде летото, значи најдоцна во текот на месец јули да ги испратиме, доколку сакаме да стигнеме во ноември со сите рокови, рече вицепремиерот Маричиќ.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски синоќа повтори дека уставни измени под бугарски диктат ќе нема,.
– Постапката има три фази и воопшто нема да почнеме со прва фаза која е отворање на постапката, ние уште тука ќе гласаме против, рече тој.
Според Николоски, бараните уставни измени се само врвот на ледениот брег и тоа е она што може да се види.
– Бараат уставни измени на почеток на преговорите за членство во ЕУ за да можат потоа да ги применат другите уцени. Бугарија сака да го стави ова како приказна која никогаш не завршува и на секои три до шест месеци да излегува со нови барања. Никој не гарантира дека по шест месеци нема да има ново барање. А, тоа што не се гледа, а потенцијално би се гледало, е тоа дека сметаат оти нивната западна граница е поназапад и мислат дека треба да граничат со Албанија. Мислат дека тука живее население кое има бугарски корени, кое зборува дијалект на бугарскиот јазик и таа политика не е сменета затоа стартуваат со уставни измени, па потоа да продолжат со други барања и тоа да нема крај, рече Николоски во емисијата „10 Минути“ на ТВ 21.
Тој оцени дека тоа што го бара Бугарија нема врска со критериумите за ЕУ.
– Прашањето е дали разговараме за критериумите за ЕУ, кои јас инсистирам дека мора да ги спроведеме, зошто целта е ефикасен правен систем и економска благосостојба и до тука јас сум прв кој бара целосно да се спроведе се. Проблемот со Бугарија е што немаат забелешки во овој дел, туку во делот на македонската самобитност, тоа никој го немал како услов, посочи Николоски.
Прашан дали меѓународната заедница врши притисок врз партијата да ги прифати уставните измени веднаш, Николоски рече дека има разговори на таа тема.
– Не можам да кажам дека има притисок, туку дека разговараме. Ние ги кажуваме нашите аргументи, а тие нивните. Ова раководство нема црни точки и затоа нема притисок. Изгубивме една година на тоа. Треба да направат притисок врз Бугарија, бидејќи таа е најслаба во Унијата и нејзе многу повеќе и треба ЕУ, отколку што и треба Бугарија на Унијата, посочи Николоски.
Тој оцени дека пристапот на ДУИ и на СДСМ во овој момент е „очајно барање за ден повеќе власт затоа што се свесни што ќе им се случи на следни избори“ и посочи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е многу јасен – дека би поддржале укинување на Пржинска или техничка Влада само доколку на истата седница се изгласаат и предвремените парламентарни избори.
Известувачот за земјава во Европскиот парламент и бугарски европратеник Илхан Ќучук вчера изјави дека постапката во македонското Собрание за уставни измени за вклучување на Бугарите во Уставот ќе започне во рок од две недели.
– Оваа или следната недела Владата ќе го достави конкретниот предлог на Работната група на расправа во Собранието, изјави Ќучук за бугарската телевизија бТВ.
Европратеникот кој неделава престојуваше во Скопје во рамки на Жан Моне дијалогот во Собранието, за БНТ изјави дека имал средби со претставници и на власта и на опозицијата.
Според него, вклучувањето на Бугарите, Црногорците и Хрватите во Уставот на Северна Македонија е многу чувствителен процес и како и при секое отворање на кој било устав има сложена процедура кој бара јавна, но пред се политичка дебата.
– Врз основа на практиката на Европскиот парламент да не се објавуваат извештаи пред важни прашања, предложив разгледувањето на Извештајот за напредокот на земјата да остане за на есен, изјави Ќучук.
Според него, Извештајот не може да ги реши историските прашања и проблемот со идентитетот, посочувајќи дека всушност Договорот од 2017 година, Преспанскиот договор и „францускиот предлог“ се основа на добрососедските односи.
– Европскиот парламент промовира добрососедски односи. Се друго се шпекулации, додаде Ќучук.
Од моментот кога владин предлог за уставни измени ќе влезе во Собранието и ќе биде доставен до пратениците, до закажување седницата за гласање на потребата за измени треба да поминат триесет дена. Во овој период, пратениците треба да го разгледаат предлогот. Носењето на уставните измени е во три фази. Во случајов, измените на Уставот треба да бидат завршени до крајот на ноември, кога завршува скринингот на ЕУ.