Градскиот суд во Москва го задржа американскиот новинар Гершкович во затвор до крајот на август

gershkovic
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Градскиот суд во Москва ја отфрли жалбата на американскиот новинар на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, и ја поддржа одлуката на првостепениот суд кој му одреди притвор до крајот на август.

Американскиот државјанин Гершкович (31) беше уапсен на крајот на март додека престојувал во Русија на новинарска задача. Минатиот месец московскиот суд му изрече затворска казна до 30 август, на која неговите адвокати поднесоа жалба, која денеска беше отфрлена од Градскиот суд во Москва.


Гершкович присуствуваше на рочиштето кое беше затворено за јавноста, а тој беше во стаклен кафез за обвинетите. На сослушувањето присуствуваа неговите родители, како и американската амбасадорка во Русија, Лин Трејси.

По сослушувањето во судницата амбасадорката Трејси кажа дека „Еван покажува извонредна сила и издржливост во овие многу тешки околности“.

Гершкович и неговиот работодавец негираа дека тој шпионирал во Русија. Американската Влада соопшти дека тој е неправедно приведен и побара негово итно ослободување.

Неговото апсење во Екатеринбург ги вознемири новинарите во Русија, каде властите не дадоа детали за доказите што ги имаат за да го поддржат обвинението за шпионажа.

Гершкович се наоѓа во московскиот затвор Лефортово, познат по тешките услови. На претставниците на американската Амбасада им беше дозволено да го посетат само еднаш, а руските власти ги одбија последователните барања за посета.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK