Министерството за образование и наука денеска преку соопштение информира дека ги интензивира градежните активности за време на летниот распуст на учениците, со цел заокружување на повеќе инфраструктурни инвестиции кои ќе значат подобрени услови во основните и средните училишта во новата учебна година. Со буџет од над 4,5 милиони евра, нагласува МОН, предвидени се реконструктивни активности во 50 училишни објекти во повеќе општини низ државата.
Средствата се обезбедени во буџетот на МОН преку одделението за капитални инвестиции, проектната единица за изградба на 145 спортски сали и рехабилитација на училишни објеки, а најголем дел од училиштата, односно 40 објекти, се додава во соопштението, ќе бидат опфатени со реконструктивни активности со поддршка од Светската банка која го финансира спроведувањето на Проектот за унапредување на основното образование.
Градежните активности, наведува МОН, предвидуваат подобрување на условите за настава, подигнување на енергетската ефикасност на објектите, како и унапредување санитетско – хигиенските услови и пристапноста на објектите за учениците и лицата со попреченост.
Една од покрупните инвестиции, како што најавува МОН ќе се реализира во основното училиште „Мирче Ацев“ во село Лажани во општина Долнени, каде ќе се изврши реконструкција на кровот, фасадата, санитарните јазли, а ќе се поставуваат и пристапни рампи за учениците и лицата со попреченост. Слични активности, планот за инвестиции на МОН предвидува и во неколку други основни училишта, односно „Васил Главинов“ во Чаир, „Форино“ во Гостивар, „Ристе Ристески“ во дебарско Могорче, „Св. Наум Охридски во Пештани во Охрид“ и „Елпида Караманди“ во Битола.
Во соопштението се наведува дека темелна реконструкција ќе се изврши во кичевското основно училиште „Мирко Милевски“, која е веќе започната, а ќе се заокружи кон крајот на тековната година, кога ќе заврши и реконструкцијата на дел од објектот на средното техничко училиште „Гостивар“ каде се сместени работилниците и просториите за кабинетска настава. Министерството информира и дека за време на летниот период започнува и санацијата на кровот, внатрешните ѕидови, плафони и осветлувањето во основните училишта „Браќа Миладиновиц“ и „Крсте Мисирков“ во Куманово.
-Сите ученици и наставници заслужуваат современ и модерен образовен процес, кој подразбира не само подобрување на наставните планови и програми кои етапно се заменуваат, туку и подобрување на условите во кои се изведува наставата. А токму со ваквите инвестиции потврдуваме дека подобрувањето на образовната инфраструктура претставува еден од приоритетите на кои Министерството за образование и наука интензивно се посветува, се вели во соопштението.