В сабота почнува со работа новиот градски пазар во Делчево

gradski-pazar
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Новиот современ градски пазар во Делчево, претстојната сабота ги отвора вратите за продавачите и купувачите, информираа од Општината. По повод започнувањето со работа на современиот градски пазар, како што додадоа оттаму ќе биде организирана пригодна свеченост.

-Отворањето на пазарот е закажано за 24 јуни (сабота) со почеток во 12:00 часот.
На модерни тезги со обезбедени санитарни услови за поголема хигиена што значи побезбедна манипулација со храната, под затворен простор и заштита од атмосферски влијанија, обезбедена дневна светлина со лексан- панел и вода во сите објекти со санитарни чворови, ќе се одвива првиот пазарен ден на новиот градски пазар, информираа од Општина Делчево.


Делчево, како што додаде градоначалникот Горан Трајковски, прв пат во својата историја, добива современ градски пазар. Овој објект како што додаде со своето значење е капитален и ќе овозможи развој на локалната економија, а со својот изглед и локацијата, ќе овозможи да се создадат атрактивни локации за нови градби и развој на овој дел од градот.

-Современиот градски пазар, освен што ќе оди во прилог на сите продавачи и купувачи и ќе им обезбеди современи услови на тргување, односно пазарување, тој ќе има значење и на економски центар не само во градот, туку и регионот, бидејќи Делчево, како погранично место е честа дестинација на гости од цела држава, но и од соседството. Изградбата на ваков објект е децениска желба и потреба на делчевци. По теркот на големите градови, во современи услови, ќе се одвива продажбата на овошје и зеленчук и друг вид стока и производи од текстил и облека, рече Трајковски.

Новиот градски пазар располага со 18 дуќани, 192 продажни пунктови, како и 4 санитарни јазли.

-Вкупната површина на објектот изнесува 2.408 м2 од кои 337,32м2 припаѓаат на затворениот дел со сопствени санитарии и влезови, а останатите 2070,9м2 се отворена површина, каде се сместени тезгите за продажба. Со цел обезбедување инфраструктура во централно градско подрачје за непречена комуникација на сообраќај и пешаци кај новиот градски пазар, за оваа година, Општина Делчево во Развојната програма има планирано инвестиција во износ од 7,1 милион денари за изградба на улици во градскиот пазар, улица 6.1 и тротоари на улица 4, дополни Трајковски.

Вкупната вредност на новиот градски пазар е 45 милиони денари. Од нив 50% се средства инвестирани од Општина Делчево, а останатите се од Владата на РСМ преку Агенција за финансиска поддршка на руралниот развој и преку Центарот за развој на Источно-планскиот регион. Со одлука на Советот, новиот градски пазар е даден на трајно користење на ЈКП „Брегалница”.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK