Италија тешко ќе ја исполни целта на НАТО за трошоците за одбрана, доколку Европската унија одбие да дозволи одредена буџетска флексибилност, изјави италијанскиот министер за одбрана во Парламентот.
На самитот во 2014 година, лидерите на НАТО се согласија да потрошат најмалку 2 отсто од БДП за одбрана во рок од една деценија, но претходната италијанска влада предводена од Марио Драги ја одложи таа цел до 2028 година. Италија минатата година потрошила околу 1,5 отсто од БДП за одбрана, според проценките на НАТО. Тоа значи дека треба да вложи дополнителни 10 милијарди евра за да ја постигне целта.
Другите земји на НАТО, вклучувајќи ги Велика Британија и Полска, трошат повеќе од 2 отсто од БДП.
„Ако не ја решиме постоечката недоследност меѓу одговорноста за зајакнување на колективната безбедност и ограничувањата за јавни финансии наметнати од ЕУ, ќе биде многу тешко да се достигне минималниот праг од 2 отсто во разумен рок“, рече министерот за одбрана Гвидо Крозето пред Долниот дом на Парламентот.
Додека ЕУ подготвува нови буџетски правила за членките, десничарската италијанска влада бара поголема флексибилност за инвестициите во Пактот за стабилност и раст.
„Морав да го поставам прашањето за ограничувањата на Пактот за стабилност и раст, кој, со оглед на нашиот јавен долг, не става во позиција со мал простор за маневрирање“, посочи тој.
Италијанскиот јавен долг годинава изнесува околу 142 отсто од БДП и е пропорционално највисок во еврозоната по Грција.