Нова инвестиција на „Теламон“, 300 нови работни места со плати повисоки од просечната

telamon
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Компанијата „Теламон – Европа“ денеска го претстави новиот, втор производствен погон со површина од 2 200 метри квадратни, во кој се планира инсталирање на два дополнителни центра за кримпирање кабли. Ова е дел од инвестицискиот план за експанзија на „Теламон – Европа“, фирма ќерка на американската корпорација „Теламон“ (Telamon Corporation), со седиште во Индијана, САД.

Според динамиката за работа, како што беше речено на денешниот настан по овој повод, најдоцна до крајот на јуни 2023 година во новиот производствен погон ќе биде инсталирана и ставена во функција линија за склопување делови за автомобилската индустрија што предвидува и отворање 300 работни места. Инвестицијата значи зголемување на капацитетот на производството на „Теламон – Европа“ на 10 милиони единици, планирани до крајот на 2023 година.


Покрај најавената нова линија, која се очекува да профункционира до крајот на месецот, планирана е и конфигурација на втора производна линија која ќе биде оперативна најдоцна до септември 2023 година.

Досегашната инвестиција на „Теламон“ од пет милиони евра се зголемува и со оваа нова производна единица компанијата книжи вкупна инвестиција во државата од осум милиони евра. Покрај директната финансиска инвестиција, „Теламон – Европа“ на годишно ниво, по основа на придонеси и даноци, во буџетот на Македонија уплаќа над 400 илјади евра.

-Оваа нова инвестиција на „Теламон“ означува ново поглавје во плодното партнерство кое го имаме од 2018 година, а кое несомнено носи економски и социјални придобивки за граѓаните. Владата преку своите политики за поттикнување нови инвестиции е подготвена да продолжи да ја дава потребната поддршка и да создава средина што поттикнува раст, иновации и заеднички успех, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Тој изрази благодарност до компанијата која одлучи да влезе во нов инвестициски циклус, зашто тоа зборува, како што нагласи, за довербата што ја имаат странските инвеститори во нашиот економски потенцијал, во неговото поволно, стабилно и предвидливо деловно опкружување.

-Воспоставиме економска структура за привлекување нови странски инвестиции која функционира, која испорачува резултати. Минатата година бележиме историски рекордна вредност на странски директни инвестиции во износ од 753,8 милиони евра, што е за двапати поголемо во однос на 2016 година, а кои за граѓаните отворија нови 2.300 работни места. Преку нови инвестиции создаваме услови во кои ќе имаме задоволни граѓани кои ќе работат во компании овде во државата, а не надвор од неа. Бројката на вработени во технолошко-индустриските зони веќе надмина 17 000. На овој начин, земјата забрзано економски расте и се развива, заедно со брзорастечки глобално етаблирани компании, кои своите економски успеси не ги темелат на евтина работна сила, тука на знаење, иновативност и технолошки напредок. Владата постави системски основи на економскиот раст и развој, довербата на инвеститорите ја стекнуваме преку стабилни и транспарентни правила за поддршка на инвестициите, содржани во „Планот за економски раст“ кој беше усвоен во 2017 година.  Во 2018 година ова е препознаено и од страна на „Теламон“, светски етаблирана компанија од автомобилската индустрија, посочи Битиќи.

Според него, преку „Планот за економски раст“, „Теламон“ доби цврсти основи за долгорочен раст и одржлив успех на глобалните пазари.

-Тоа е довербата која успеавме да ја изградиме кон оваа индустрија и затоа денес сме овде на свеченото отворање на нов производствен погон од 2.100 метри квадратни во кој, како дополнение на постоечките 200 вработени, проектирано е отворање на 300 нови работни места, со плати повисоки од просечната нето плата. Досегашната инвестиција од пет милиони евра во бизнис плановите предвидено е да се зголеми на 8 милиони евра, рече Битиќи и оцени дека влијанието на оваа нова инвестиција на „Теламон“ има потенцијал да предизвика брановиден ефект кој ќе поттикне понатамошни инвестиции и ќе ја подобри нашата севкупна конкурентност на глобалната сцена.

Според Георги Тренкоски, плант менаџер во „Теламон – Европа“, бројките говорат многу за остварените цели и развојот на деловната стратегија на „Теламон“.

-Во изминативе пет години, откако почнавме со работа, се случија низа настани кои, и покрај тоа што имаа силно влијание и импакт, дополнително нé мотивираа да сме силни и умни во водењето бизнис. Со знаење, посветеност и креативност демонстриравме како се постигнуваат извонредни резултати кои ги надминуваат плановите и проекциите. Секако, сето ова немаше да биде возможно без поддршката која ја имаме од домашните институции, довербата од нашите клиенти, и пред сé посветеноста на нашите колеги и вработени. Продолжуваме понатаму, инспирирани и подготвени – за прогрес, за нови деловни подвизи и уште поголеми достигнувања, рече Тренкоски.

На настанот се обрати и претседателот на „Теламон Индустриал Солушнс“, Том Пуза кој ја поздрави поддршката од Владата. Пуза воедно најави проширување на бизнисот на компанијата во земјава.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK