Предлог-иницијативата за уставни измени која од минатата недела е во владина постапка најверојатно денеска ќе биде разгледана и усвоена на седница на Владата, најави министерот за правда, Кренар Лога. Премиерот Димитар Ковачевски вчера повторно го повика ВМРО-ДПМНЕ да опстои на искажаното на прес-конференцијата по лидерската средба одржана на 7 јуни и заеднички да ги донесат одлуките што се значајни за иднината на државата, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, исто така повтори дека нема да прифатат уставни измени под бугарски диктат.
За Ковачевски, она што е постигнато на лидерската средба е добра основа да се продолжи понатаму, да се направи следниот чекор и да се донесат вистинските одлуки во момент на геополитички случувања во Европа.
– Лидерската средба даде неколку важни пораки. Прво, дека ВМРО-ДПМНЕ не е против промена на Уставот. Второ, дека не е против вклучување на други народи во Преамбулата на Уставот, вклучително и на деловите од бугарскиот народ. Трето, дека овој парламентарен состав има легитимитет тоа да го направи и четврто дека оваа Влада има легитимитет бидејќи ВМРО-ДПМНЕ побара да биде дел од Владата при што веднаш и беше понудено половина министерски места да и бидат отстапени. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ имаше уште еден услов од нему познати причини, а тоа е ДУИ да не биде дел од Владата која ќе стапи на функција по отварањето на Уставот. И таа желба му беше исполнета така што практично сите работи што беа поставени, беа прифатени. Сметам дека тоа е одлична основа за работата да продолжи на оперативно ниво низ работни групи кои ќе можат да ги договорат деталите, изјави вчера Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по увидот на санација на систем за наводнување „Макарија“, кај Росоман.
Работниците и претставниците на Синдикатот имаат право да ги искажат своите загрижености, а раководствата на УЈП и на Царина да разговараат со нив и со министерот за финансии, за да изнајдат
Според Ковачевски, ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во позиција која не е најпријатна бидејќи како голема партија немаат гласано за ниту една значајна одлука за државата.
– Не го поддржаа договорот со Грција, ниту членството во НАТО, ниту договорот со Фронтекс, ниту Преговарачката рамка. Сметам дека оваа е многу важна одлука за државата и треба да се направи заедно. Мислам дека тие ќе изнајдат сила да го направат тоа, рече Ковачевски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не успеале ниту да излобираат кај тројцата пратеници од сестринските партии да гласаат за Резолуцијата усвоена во германскиот Бундестаг.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера во одговор на новинарско прашање дали земјава е во политичка криза и кој е излезот од блокадата на евроинтеграцискиот пат на државата, изјави дека нема да влегува во разговори каде што контура на тие разговори, како што рече, ќе биде бугарскиот диктат и дека излезот од кризата се само избори.
– Уставни измени под бугарски диктат не само што нема да прифатиме туку категорично ги отфрламе и ги одбиваме. Што се однесува за излезот, излезот се избори. Очигледно е дека изборот се избори и тоа е најлогичното нешто што може во моментот да се случи. Час поскоро да имаме избори, притисокот којшто се случува во општеството да биде катализиран, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Аеродром.
Додаде дека главната политика на Владата предводена од премиерот Ковачевски се распаѓа и упати повик да се излезе на избори.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со дел од партиската пратеничка група попладнево во 15:30 часот ќе оди на средба кај претседателот на државата Стево Пендаровски во вила Водно и ќе б
Тој исто така во одговор на новинарско прашање истакна дека на предлог на ЦДУ во минатото, во владата на канцеларката Ангела Меркел има многу поцврста Резолуција која посилно ги брани македонските идентитетски одредници и дека кога Германија претседаваше со ЕУ во тоа време, во тогашниот предлог ниту билатералниот договор беше во преговарачката рамка, ниту пак се отвораше прашањето за македонскиот јазик, а историјата и останатите идентитетски одредници не се ни споменуваа.
Од СДСМ пак, излегоа со реакција дека „Мицкоски призна дека ништо не направил ниту лобирал кај сестринските партии за Резоуцијата на Бундестагот“. -Христијан Мицкоски вртеше, вртеше, ја споменуваше германската ЦДУ и на крај призна дека не направи ништо за македонскиот јазик, македонскиот идентитет и посебност. Мицкоски кој цела година ја замајува јавноста дека ќе обезбедел подобар договор и подобра преговарачка рамка призна дека не може една сестринска партија да убеди да гласа за Резолуцијата, наведоа од СДСМ.
Министерот за правда Кренар Лога, пак, вчера кажа дека предлог иницијативата за уставни измени веќе од минатата недела е во владина постапка и најверојатно утре ќе биде разгледана и усвоена на Влада.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во средата изјави дека очекува во наредните неколку недели иницијативата за уставни измени да се најде пред пратениците во Собранието и да почне собраниската процедура и дискусија, бидејќи, како што оцени, коректно и важно е секој пратеник да има можност да се изјасни за нив.
-Сигурен сум дека доколку го имаме вистинскиот пристап кон секој пратеник и му се објасни и важноста и одговорноста, и последиците од прифаќањето или не прифаќањето на овој предлог и на оваа иницијатива, мислам дека ќе дојдеме до две третини, изјави Маричиќ.
Според него, доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието сами ќе си поставиме блокада и ќе се запреме на европскиот пат.
Тој во интервју за Македонскоото радио оцени дека се вредни за разгледување сите барања, очекувања или услови на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кои, како што нагласува, се движат во Преговарачката рамка.
-Мицкоски изнесе повеќе услови за гласање, според мене, добро е што дијалогот започна и добро е што се премина таа линија на табу околу гласањето, односно околу поддршката за внесот на Бугарите во Преамбулата и во нашиот Устав. И не само Бугарите туку сите оние заедници, и Словенците, Хрватите, Црногорците и сите оние коишто би требало да бидат спомнати во Преамбулата. Добро е што се премина таа линија и дека не е повеќе табу да се гласа за уставните измени. Од друга страна, сите барања или сите очекувања или услови на господинот Мицкоски се вредни за разгледување, оние коишто имаат втемеленост во реалноста, односно оние коишто се движат во Преговарачката рамка, вели Маричиќ во интервју за Македонското радио.
Одложеното дејство на уставните амандмани, дополнува тој, излегува од Преговарачката рамка и не враќа повторно на маса да преговараме одново и со ЕУ и со Бугарија околу условите.
-Тоа секако значи враќање многу чекори назад и мислам дека тоа не ни треба, но за сите други прашања околу формулата дали би влегле во широка Влада, кога, под кои услови, со кого, сето тоа е вредно да се разговара доколку тоа помага во ставот на ВМРО -ДПМНЕ да гласа за уставните измени, посочува вицепремиерот Маричиќ.
Предлог-иницијативата за устави измени подготвена од работната група при Министерството за правда на почетокот на месецов беше доставена до Владата и како што беше најавено тогаш, ќе биде разгледана на некоја од наредните владини седници. Очекувањата тогаш беа дека уставните измени би можеле да влезат во Собранието во средината на месецов кога и формално ќе почнат да течат роковите за уставни измени.
Во меѓувреме, поранешниот претседател Бранко Црвенковски на дебата во организација на Советот на амбасадори на тема „Северна Македонија меѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес: можно ли е побрзо членство во Европската Унија?“, вчера промовира иницијатива за приближување на Западен Балкан во ЕУ.
-Во недостиг на јасна стратегија за проширување постојано слушаме едни те исти мантри: од страна на ЕУ дека останува политиката на „отворени врати”, а од страна на земјите од регионот дека полноправното членство во Унијата е единствената опција за која не постои алтернатива, па затоа во такви услови би сакал да промовирам идеја за иницијатива која на земјите од Западниот Балкан ќе им овозможи пристап до заедничкиот европски пазар и пристап до европските фондови, истакна вчера Црвенковски.
– Вкупниот амбиент и во Европската Унија, но и во земјите кандидати за членство не остава голем простор да се надеваме дека процесот на евроинтеграција ќе добие некоја забрзана динамика, барам не на краток и среден рок, бидејќи Европската Унија нема јасен и консензуално усогласен план што ќе прави самата со себе, а како резултат на тоа ниту што ќе прави со Западниот Балкан, рече Црвенковски, потенцирајќи дека неговата иницијативата во оваа фаза не задира во и онака компликуваното одлучување во рамките на ЕУ.
Тој потенцира дека иницијативата би се однесувала на овозможување на земјите од регионот да пристапат до заедничкиот пазар и до европските фондови, но дека таа не би била никаква алтернатива или замена на полноправното членство во ЕУ.
– Напротив, тоа би бил еден меѓу чекор или преодна фаза која би го олеснила остварувањето на таа цел, рече Црвенковски.
Според него, со прифаќањето и реализацијата на една ваква иницијатива земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со самото тоа би биле и поподготвени за полноправно членство, а Европската Унија би го зајакнала својот кредибилитет и влијание во регионот и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија.