Учениците од трите општински основни училишта од општина Илинден, кои веќе четири дена се на училиштен летен камп во Струга, денеска ги посети градоначалникот Александар Георгиевски, информираат од локалната самоуправа.
– При посетата, градоначалникот Георгиевски истакна дека Општина Илинден првпат субвенционира училиштен летен камп, така што ова е една од новите мерки кои ги реализираме со цел поддршка на учениците и мотивирање на најмладите жители на општината. Тој додаде дека различните активности кои ги имаат учениците на летниот камп им овозможуваат да стекнат различни искуства, нови пријателства како и да се дружат. Тоа им ја зголемува самодовербата и ги прави поподготвени да се справат со секакви предизвици, известуваат од општина Илинден.
Оттаму, истакнуваат дека овој летен камп е уште еден реализиран проект кој е дел од Програмата за работа на градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, како и дел од Стратешкиот план за развој на општина Илинден за 2022-2026 година.
– Општина Илинден и во иднина ќе продолжи да биде сојузник во реализација на проектите преку кои ќе дава поддршка на учениците од основните училишта од Илинден, велат од локалната самоуправа.
На летниот камп годинава се околу 50-тина најуспешни ученици од општина Илинден кои во текот на учебната година постигнале високи резултати во делот на спортот, првенци на генерација, носители на награди од различни училишни натпревари.