Поплавите се појава којашто не може да се избегне, токму затоа системот за рано предупредување од поплави е од исклучително значење и тој треба да овозможи навремено информирање на сите луѓе. Од големо значење е и меѓусебната соработка на државите во случаи на поплави, особено кога имаме и меѓугранични, меѓудржавни сливови, беше посочено на отворањето на Втората работилница на Глобалниот проект – Систем за најава на поплави со глобална покриеност (Flash Flood Guidance System with Global Coverage (FFGS), која од денеска до 23 јуни се одржува во Скопје.
-Сведоци сме деновиве на поројни дождови кои може да предизвикаат поплави и да предизвикаат голема материјална штета врз инфраструктурата, земјоделските насади и домовите врз луѓето. Токму затоа навремено преземаме мерки, превенираме заедно со УХМР и даваме поддршка за зголемување на нејзините капацитети за континуирани метеоролошки и хидролошки мерења и набљудувања, за осовременување на системите за рана најава и прогнозирање на опасни временски непогоди, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на отворањето на конференцијата.
Николовски рече дека нашата земја е сведок на големи поплави во минатото и дека ефектите од климатските промени се очигледни за луѓето, а за жал сценаријата за иднината не се многу оптимистични.
-Од денес во следните денови ќе се споделуваат не само регионални, туку глобални искуства за успешно справување со поплави се со цел заеднички да се справиме со климатските промени, додаде Николовски.
Јохан Стандер од Светската метеоролошка организација рече дека поплавите се појава којашто не може да се избегне, но од клучно значење во справување со оваа појава е системот за рана најава од поплави и како тоа да стигне до луѓето. Тука може да помогнат и медиумите да ги информираат луѓето каде можат да најдат точни податоци за закана од поплави, да ги прошират тие информации, со цел луѓето да бидат навреме предупредени.
-За да се осигураме дека овој систем за рано предупредување од поплави успешно се применува, соработуваме со Црвениот крст, УСАИД, Светската банка, со цел да одговориме на потребите на соодветна земја, рече Стандер.
Најдобар начин, според него, за да се прошири овој систем на рано предупредување е преку мобилните телефони, но што е, вели, со оние луѓе особено во зафрлените рурални области кадешто нема мрежно покривање. Во тој случај, додаде тој, најдобро е локалните лидери да одат на лице место и да ги предупредат луѓето, да комуницираат со нив.
Директорот на Управата за хидрометеоролошки работи Ивица Тодоровски, ги поздрави учесниците и кажа дека во овие неколку дена ќе се споделуваат искуства и ќе се зајакне соработката меѓу државите за управувањето со поплави и развојот на системите за нивна рана најава.
На работилницата се очекува да има околу 200 учесници од над 70 држави од целиот свет, а целокупната поддршка е обезбедена од Светската метеоролошка организација, која е специјализирана агенција на ОН.