Со изложбата „Младите и уметноста“ поставена во Градскиот музеј – Крива Паланка официјално е отворена програмата на годинашното “Кривопаланечко културно лето”.
Изложбата содржи дела од младите од средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ и ООУ „Илинден“ од градот, создадени на работилниците за графика, вајарство и сликарство во рамките на проектот „Денови на Уметноста 2023“ на ЛУ Градски музеј.
Ѓорги Костовски, историчар на уметност од музејот истакна дека сите млади создавале дела и се едуцирале за начинот на создавање уметнички дела во повеќе техники, под менторство на искусни академски уметници во период од еден месец.
-Учествуваа околу 20-тина младинци кои импресионираа со својот талент и создадоа прекрасни дела. Целта ни е ги привлечеме младите да ги препознаат своите афинитети и вештини и да дадат придонес во развојот на уметноста и културата во општината, рече Костовски.
Работилниците ги водеа графичарите Стефан Младеновски и Стефан Јакимовски, скулпторките Нела Јанковска и Анета Симоновска и сликарот Роберт Цветковски, сите од Крива Паланка, а вредно да се потенцира е дека сите дела ќе бидат дел од постојаната збирка на Градската галерија при Музејот на Крива Паланка.
Програмата на „Кривопаланечко културно лето 2023″ продолжува утре, со отворањето на Меѓународната ликовна колонија „ Св.Јоаким Осоговски”.