Алжирскиот апелациски суд денеска му ја зголеми затворската казна на познатиот новинар Ихсан Ел Кади и го осуди на седум години затвор, од кои две условни, јави претставникот на Репортери без граници (РСФ) за северна Африка.
Во првостепената постапка, Ел Кади беше обвинет дека ја финансирал сопствена медиумска компанија од странство, а на 2 април беше осуден на пет години затвор, од кои две беа условни.
– Шокантна и несфатлива пресуда, напиша на Твитер претставникот на РСФ Калед Драрен, објавувајќи ја пресудата на Апелацискиот суд.
Ел Кади (63), директор на една од последните приватни и независни медиумски групи во Алжир, вклучително Радио М и информативната страница Магреб Емергент, е во притвор од 29 декември.
Неговото апсење предизвика бројни изрази на солидарност меѓу алжирските колеги и активистите за човекови права во Европа.
Ел Кади е обвинет дека примал пари и привилегии од лица и организации од странство со цел да врши активности кои можат да и наштетат на безбедноста на државата и нејзината стабилност, соопшти алжирскиот суд во првото судење. Во второстепената постапка беше побарано да се потврди ова обвинение.
Судот прогласи и распуштање на неговата компанија „Интерфејс медиас“ и заплена на имот.
Во резолуцијата усвоена на 11 мај, Европскиот парламент побара итно и безусловно ослободување на Ел Кади и ги повика алжирските власти да ја почитуваат слободата на медиумите. На тоа реагираше алжирскиот Парламент, наведувајќи дека се работи за флагрантно мешање во внатрешните работи на суверена земја. Резолуцијата на Европскиот парламент беше категорично отфрлен, наведувајќи дека е полн со „страшни невистини“.
Алжир е на 136 место од 180 земји на светската листа за слобода на печатот објавена од РСФ за 2023 година.