Демократската партија на Албанците (ДПА) вчера во Тетово организираше настан со цел да се одбележат 30 години политичка посветеност на партискиот претседател Мендух Тачи. Одделението за односи со јавноста при ДПА информираше дека на настанот Мендух Тачи одржал пригодно обраќање со резиме на својот политички ангажман започнат во 1993 година.
-Неговиот политички ангажман започна во 1993 година, како потреба кога мораше дефинитивно да се смени политичкиот курс на лидерите на тогашната најзначајна албанска партија, бидејќи тогашните политички случувања не беа во корист на интересот на албанскиот народ, се вели во соопштението од ДПА.
На настанот пригодни обраќања за политичката активност на Мендух Тачи имаа професорот и поранешен тетовски градоначалник Сади Беџети, како и познатиот колумнист и новинар Батон Хаџиу. Поставена била и изложба со 30 фотографии кои означуваат некои од најважните моменти од политичките процеси низ кои поминал Мендух Тачи.