Здружението „Кочански рибар“ почна проект за промоција на спортскиот риболов меѓу младите

ribari
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Спортско-риболовното здружение „Кочански рибар” денеска го почна проектот „Спортскиот риболов еликсир за младите“, чија цел е развивање на спортскиот дух кај младите, промоција на риболовот како спортска дисциплина и проширување на можностите за алтернативен туризам во општина Кочани.

Проектот се реализира во соработка со Здружението на Роми „Авена“ од Кочани, а вклучени се 20 ученици од основното и средното образование. До крајот на декември ќе се реализираат повеќе активности и обуки за спортски риболов на тапа и фидер техника, како и за заштита и облагородување на риболовните води, флората и фауната на неколку локации во општината.


– За првпат имаме можност организирано да ги едуцираме и вклучиме младите во тајните на спортскиот риболов, кој во светски рамки зема сè поголем замав. Спортот и престојот во природа е единствениот начин за борба и превенција од технолошката зависност, а преку едукативни активности и натпревари во риболов, младите ќе го развијат тимскиот дух и ќе ја осознаат благородноста на овој спорт преку мотото „фати, фотографирај и врати во вода“. Активностите ќе ги реализираме на браната Гратче, на Кочанска Река, Прибачевска Бара, како и на Голема Река, каде е планирано и дводневно логорување. Ќе се реализираат и неколку еко-акции, ќе се оформат нови риболовни позиции на Гратче и Прибачевска Бара со изградба на натстрешници и пристапна патека до места за риболов за лица со попреченост, истакна Ивица Јорданов, претседател на здружението „Кочански рибар“.

Во рамки на проектот ќе се организираат индивидуални и екипни натпревари, а најдобрите до 15-годишна возраст ќе бидат дел од тимот учесник на државниот натпревар во риболов на тапа – слободен стил, во категоријата У15.

Проектот ,,Спортскиот риболов еликсир за младите” се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, финансиски поддржан од фондовите на ЕУ и Општина Кочани, а се имплементира преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK