Транспаренси Интернешнл Македонија: Работењето на Агенцијата за филм останува под лупата за интегритетот и законитоста

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Транспаренси Интернешнл Македонија изминатиот период по спроведениот Мониторинг на постапката за избор на филмски проекти во рамки на Конкурсот за финансирање на проекти за 2022 година во Агенцијата за филм за истиот изработи Анализа со укажувања за затекнатата состојба во моментот на извршувањето на мониторингот.

Како потврда на искажаните наводи во Анализата на Транспаренси се покажа и неодамна објавениот Извештај за извршена ревизија на Агенцијата за филм од страна на Државниот завод за ревизија кој е со неповолна содржина, односно:


„Со извршената ревизија изразивме неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики“ – стои во конечениот извештај на овластениот државен ревизор.

Укажувањата од страна на Транспаренси во однос на конкурсите за филмските проекти кои се објавуваат од страна на Агенцијата за филм како и препораки за истите со идентична содржина се утврдени во извештајот на ДЗР: „при објавувањето на конкурси за филмски проекти и други филмски
проекти Агенцијата не се придржува на задолжителните услови и критериуми од ЗФД, ниту пак има донесено интерен акт-процедура со утврдени активности и чекори кои се преземаат при спроведување на постапката по конкурсот“ „не е утврден начинот на распределба на проектите по рецензенти“ „напуштена е праксата на кодирање на предметите, со што лицата кои учествувале во процесот на евалуација на проектите би немале информација за кој проект се работи се до конечната одлука за избор. На овој начин значително би се намалило влијанието на субјективниот фактор во процесот на одлучување“ „… во базата има нереализирани проекти и од 2009 година, за кои Агенцијата нема информација зошто истите не се затворени“.

Од страна на Министерството за Култура – Сектор за управен и инспекциски надзор извршен е вонреден инспекциски надзор во Агенцијата за филм, по однос на Анализата спроведена од страна на ТИ-М во кој од содржината на Извештајот се констатирани одредени забелешки од страна на службените лица.

Агенцијата за филм од повеќе релевантни институции доби негативно мислење во однос на своето постапување, а следствено на тоа пријавителот кој прв укажа на таквите постапувања доби кривична пријава и прекин на постапка за реализирање на филмски проекти. Ваквата фактичка состојба се коси со начелото за еднаквост од член 5 став 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси кој гласи: „Секој има право да спречи или пријави корупција или извршување, односно пропуштање на дејствие што претставува искористување на функцијата, јавните овластувања, службената должност или положба за да се нанесе штета на друг, без да трпи било какви последици“.

Злоупотреба на моќ и реално влијание?!
На 16.05.2023 година од страна на Агенцијата за филм во брифинг со новинарите беше дадена информација дека е поднесена кривична пријава против Банана продукција за кривично дело „Употреба на исправа со невистинита содржина“ од член 380 од Кривичниот Законик, повикувајќи се на записник на извршен инспекциски надзор на Министерството за култура.

Записникот на Министерството за култура кој е наведен во соопштението на Агенцијата за филм нема наводи за незаконско користење на средства од страна на Банана Продукција, односно: „Имајќи предвид дека врз основа на утврдената фактичка состојба при вонредниот инспекциски надзор во Банана Филм не е утврдено ненаменско или спротивно на договорот користење на средствата добиени од Агенцијата за филм од аспект на примена на член 39 од Законот за филмска дејност, инспекторот ја
запира постапката.

Транспаренси Интернешнл Македонија сака да ја потенцира информацијата во однос на наводите на Агенцијата, а во врска со вистинитоста на Изјавите доставени од страна на продуцентот, кој наводно ја ставил во заблуда Агенцијата, и поради тоа Управниот Одбор донел одлука, а Директорот на Агенцијата донел Решение, со кое се прекинува натамошното финансирање и постапување по проектите „Кајмак“
и „Биста“ поради потреба од решавање на претхoдно прашање.

Единствено одговорен орган кој треба да води евиденција по службена должност за статусот на секој флмски проект поддржан од Агенцијата за филм, и притоа да презема дејствија на справување со нерегуларности, е самата Агенција за филм!! Од овие причини самиот законодавец предвидел одредба во Законот за филмска дејност во која доколку филмскиот продуцент не ги врати средствата добиени од Агенцијата, нема право да учествува на конкурс на Агенцијата во следните десет години, сметано од денот кога со акт на Агенцијата е констатирано дека не ги вратил средствата. Агенцијата против него ќе поднесе тужба до надлежниот суд согласно член 34 став 5 од Законот за филмска дејност.

Било кој филмски продуцент кој учествувал на конкурс на Агенцијата за филм со доставување на Изјава дека ги исполнил обврските, Агенцијата не може да ја доведе во заблуда од причина што истата е должна по службена должност да провери дали од негова страна се исполнети сите обврски и доколку не биле во самата постапка на одлучување по Конкурси кои ги спроведува била должна да ја отфрли пријавата за филмскиот продуцент.

Во надлежност на Агенцијата е да ја провери вистинитоста на изјавата со која филмскиот продуцент потврдува дека ги исполнил сите обврски кон поранешната Национална Установа Филмски фонд на РМ за други проекти.

Конкретно во проектот „Мајки“ за кој проект Агенцијата се повикува дека за истиот не е доставен Финансиски извештај, поминати се скоро 13 години, а од тогаш до денес Агенцијата дала позитивно мислење на повеќе проекти од истиот продуцент и тоа „Врба“, „Кајмак“ и „Биста“ и притоа не утврдила никакви неправилности, истото е констатирано и во извештајот од Министерството за култура.

Затоа, индикативен е моментот кој е избран да се постапува по однос на проектите реализирани од страна на режисерот Милчо Манчевски, затоа што упатува на можност за освета кон лице кое поднело пријава и побарало да се испитаат состојбите на судир на интереси. Согласно законот за спречување на корупција никој не смее да трпи последици за пријавување на случај на коруптивно однесување. Исто
така и Кривичниот законик предвидува казнена одредба доколку не се пријави незаконито постапување за кое некој ќе дознае во рамки на своето службено постапување.

Исто така, се отвора прашањето дали Агенцијата самата признава дека прифаќала проекти кои не ги исполниле условите за конкурс за финансирање на филмски проекти, односно не спроведувала дејствија на проверка кои и се во надлежност согласно Законот за филмска дејност?

Со Решението изготвено од Директорот на Агенцијата се нарушува и презумпција на невиност, а во случајот тој ја зема улогата на тужител и судија, па по сопствено решение, донесено спротивно на закон, исто така незаконито прекинува исплата на договорена обврска.

Постапките за проектите „Кајмак“ и „Биста“ се засебни постапки и нивна натамошна реализација не може да зависи од поднесена кривична пријава која би резултирала со евентуална кривична постапка за која што постои можност и никогаш да не започне.

Како заклучок:
Транспаренси Интернешнл Македонија и укажува на Агенцијата за филм дека согласно Закон за филмска дејност ниту Управниот одбор, ниту Директорот на Агенцијата имаат надлежност да донесат одлуки со кои времено ќе ја стопираат реализацијата на наведените проекти. Агенцијата и продуцентот имаат склучено договор во кои се регулирани нивните взаемни права и обврски, а со ваквото постапување, Агенцијата се става во позиција на задоцннета исплата по што се остварува правото на барање на плаќање на казнена камата. Доколку дојде до наведеното, односно свесно извршени штетни дејствија на сметка на средствата на Буџетот на РСМ одговорна за таквите постапувања би била Агенцијата за филм и нејзините управни органи.

Согласно наведеното сакаме да укажеме дека ваквите постапувања можат да подлежат и на кривична одговорност согласно членот 353 „Злоупотреба на службената положба и овластување„ од КЗ на РСМ.

Член 353 „Злоупотреба на службената положба и овластување„ (1) Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.

(2) Ако сторителот на делото од став 1 ќе прибави поголема имотна корист или ќе предизвика поголема имотна штета или потешко ќе ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.

(4) Со казна од ставовите 1, 2 и 3 ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице во странско правно лице
што има претставништво или врши дејност во Република Македонија или лице што врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото овластување или должност.

(5) Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години.

За потсетување: „Основна цел на Агенцијата за филм е развој и унапредување на филмската дејност во Република Северна Македонија преку континуирана поддршка на производството на филмови од национален интерес во филмската дејност, поддржување на реализација на филмски продукции како
и промоција на домашното филмско творештво.“

Член 275-в(1) од КЗ Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство Тој што свесно ќе ги повреди прописите за постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство со поднесување невистинита
документација,со договарање со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавнa набавкa,со неизвршување на обврските од договорот со намера истиот да се изигра или на друг начин намерно ќе ги повреди правилата на таа постапка и со тоа за себе или за друг ќе оствари поголема имотна корист, или ќе предизвика поголема штета, ако не се исполнети обележјата на друго потешко дело.

Препораки
– Владата и Министерството за култура, како надлежни за контрола над Агенцијата за филм, треба да обезбедат Агенцијата како државен орган да овозможи подеднаков пристап до фондовите за развој на филмската индустрија, но и да делува законито и без дискриминација по било кој основ.

-Владата и нејзините институции да преземат мерки за враќање на законитоста во работењето на Агенцијата, како и за спроведување на препораките на ДЗР.

-За илустрација во однос на критериумите и односот кон авторите пренесуваме извадок од резимето за успешност на авторот Милчо Манчевски, чиј труд целосно се девалвира со негативна кампања поттикната од пријавување на судир на интереси:

Странските инвестиции во шесте македонски филмови на Милчо Манчевски (Пред дождот, Прашина, Сенки, Мајки, Врба и Кајмак) изнесуваат 16.85 милиони евра, во најголем дел потрошени во Македонија.

-Филмовите на Манчевски, претставуваат и една од најголемите странски инвестиции во државата, покрај значењето за културата на Македонија и за меѓународната промоција на македонската култура и јазик.

-Од 1994 досега прикажани на над 300 фестивали, освоиле стотина награди, меѓу кои и Златен лав и номинација за Оскар и играле во кино и на ТВ во над 100 земји, а влезени се и во наставната програма во повеќе земји).

-Односот на странски инвестиции и домашни инвестиции во филмовите на Манчевски е 77.65% странски инвестиции (државни фондови на Велика Британија, Франција, Германија, Данска, Италија, Унгарија, Холандија, Белгија, Хрватска, Албанија, Шпанија и Бугарија, како и паневропскиот фонд Еуримаж), а 22.35% домашни (Министерство за култура, Филмски фонд или Агенција за филм).

Транспаренси Интернешнл Македонија

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK