Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска одржа билатерaлна средба со министерка во Владата на Република Словенија задолжена за дигитализација, Емилија Стојменова -Дух. Средбата се одржа во рамките на Преспа форумот за дијалог 2023, а во нејзин фокус беа ставени прашањата поврзани со дигиталната трансформација на општеството.
Како што известуваат од Влада, вицепремиерката Грковска ја информираше Стојменова – Дух за актуелните процеси во Северна Македонија на ова поле, со акцент на активностите на Националниот совет за дигитална трансформација со кој претседава.
Таа нагласи дека во Советот учествуваат претставници на сите засегнати страни во овој значаен процес, вклучително и од опозицијата, со цел да се нагласи значењето на овие процеси за целото општество, а кои треба да се спроведуваат контунуирано и без оглед на политичките промени.
Министерката Стојменова-Дух ја нагласи подготвеноста за поддршка од страна на Република Словенија поврзанa со дигитализацијата, посочувајќи дека во нивната земја се користат нови технологии кои ќе бидат интероперабилни со останатите.
Надоврзувајќи се на изјавата на Грковска дека во моментов се работи на воведувањето електронска лична карта, Стојменова-Дух го истакна позитивното словенечко искуство со електронските документи за идентификација, кои добиваат награди и на светско ниво и кое со задоволство би го споделиле со нашите институции.
На средбата се разговараше и за потребата од инвестиции во сајбер безбедноста и за зголемување на свеста на граѓаните за сите теми поврзани со технолошките промени, известуваат од Влада.
Вицепремиерката Грковска се осврна и на останатите активности на нејзиниот Кабинет, поврзани со политики за справување со корупцијата и јакнење на интегритетот на носителите на јавни функции.
Министерката Стојменова-Дух, нагласувајќи ја поддршката дадена од Словенија за евроинтеграцијата на нашата држава, изрази подготвеност да се вклучи во активности со кои на граѓаните во нашата земја би им помогнале подобро да ги разберат големите придобивки од членството во ЕУ, наспроти евроскептицизмот кој се зголемува во контекст на актуелните предизвици со кои се соочуваме.
Претставничките на двете Влади се согласија и околу важноста на истакнување на женската перспектива во општествено-политичките процеси, пришто словенечката министерка со задоволство ја прифати поканата на вицепремиерката Грковска да се приклучи на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за антикорупција и добро владеење, кој беше основан на нејзина иницијатива, известуваат од Владата на Република Северна Македонија.