Повеќе од 100.000 луѓе се евакуирани од патеката на моќниот циклон кој се движи кон Индија и Пакистан, а метеоролозите денеска предупредија дека може да уништи куќи и да урне далноводи.
Циклонот Бипарџу, што на бенгалски значи „катастрофа“ се движи низ Арапското Море.
„Се очекува во четврток вечер да дојде до копното како многу силна циклонска бура“, соопштија владините метеоролошки институти.
Се предвидува дека силни ветрови, бури и обилни дождови ќе го погодат брегот долг 325 километри меѓу Мандви во индиската држава Гуџарат и Карачи во Пакистан.
Индиската метеоролошка служба предвиде дека невремето утре ќе го погоди индиското пристаниште Јахау, предупредувајќи на „тотално уништување“ на традиционалните домови покриени со кал и слама.