Свечља: Криминална Србија ги крши сите меѓународни договори и принципи

sveclja
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља тврди дека српски сили, внатре на територијата на Република Косово, киднапирале тројца припадници на косовската полиција, јави дописникот на МИА од Приштина.

Свечља вели дека киднапираните службеници на Полицијата на Косово се наоѓале длабоко на косовска територија и дека дејствувањето на Србија претставува „кршење на секој договор и секој принцип на меѓународните норми“.


„Додека редот и законот се спроведуваат во нашата земја, криминална Србија влезе на територијата на Република Косово и киднапира тројца полициски службеници на Република Косово, со кршење на секој договор и секој принцип на меѓународните норми. Нема никаков сомнеж дека полициските службеници биле стационирани длабоко на територијата на Република Косово, вршејќи ги редовните задачи. Србија продолжува да биде причинител и поддржувач на злосторството во регионот и во Косово. Ние не се повлекуваме пред криминалците и терористите. Србија повторно го покажува своето вистинско лице, а тое е лицето на автократска и агресорска држава“, напиша Свечља на неговата страница на Фејсбук.

Тој го повика меѓународниот фактот да го зголеми притисокот врз Србија за да ги ослободи косовските полицајци и да запре со провокациите.

– Бараме од меѓународната заедница под итно да го зголеми притисокот врз Србија… Таквите криминални однесувања на Србија нема да не запрат на нашиот пат на јакнење на суверенитот во државата, порача Свечља.

Полицијата на Косово претходно објави дека тројца нејзини припадници денеска околу пладне биле киднапирани од маскирани лица од Србија на еден од патиштата во северно Косово, на меѓудржавната граница, што се користел од српски криминални групи за нелгален премин и шверц од Србија.

Според соопштението на ПК, киднапирањето се случило во месноста Тресава/Баре, каде што тројцата полицајци биле на должност на тамошниот статичен пункт.

Полицајците јавиле во полициската централа дека забележале маскирани и вооружени лица, а кога на местото на настанот пристигнале дополнителни единици на КП, таму било пронајдено службеното возило, но не и полицајците.

Медиумите во Белград тврдат дека косовските полицајци се уапсени на српска територија, при што објавија и фотографии од апсењето на униформираните лица кои се наводно косовски полицајци. Приштинските медиуми, пак, напоменуваат дека денешниот инцидент се случи ден откако во Северна Митровица беше уапсено лицето Милун Миленковиќ – Луне, за кого се вели дека е еден од водачите на нелегалната организација, поддржувана од Белград, позната како „Цивилна заштита“ и организатор на нападите врз припадниците на КФОР и косовската полиција за време на неодамнешните протести на косовските Срби во Звечане.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK