Плаќање на заостаната рата од регресот за годишен одмор К-15 за 2022 година во најбрз можен рок, вредноста на бодот по кој се пресметува платата да се зголеми за осум денари, висината на регресот за годишен одмор за 2023 година да изнесува триесет илјади денари и да се исплаќа еднократно, минималната сума за никел бонус што им се исплаќа на вработените да биде за производство од 1.300 тони никел, без разлика дали производството ќе биде помало, а доколку производството е поголемо да се исплати соодветната сума.
Ова се барањата што синдикалната организација ги има доставено до генералниот директор на „Еуроникел индустри”, Димитриос Пахос, а беа соопштени и денеска на мирниот протест пред кавадаречкиот комбинат, од страна на претседателот на синдикалната организација, Миле Ѓорѓиев.
Истовремено, се бара и бизнис план за работата на фабриката. Работниците протестираат веќе трет ден, без да го нарушуваат производствениот процес.
На протестот беше кажано дека доколку до петок не се одговори позитивно на нивните барања, синдикално ќе одлучуваат за понатамошните чекори.
Поддршка за работниците денеска дадоа претседателот на СИЕР Игор Ѓерасов и претставници од ССМ.
Ѓерасов рече дека овде имаат околу 780 синдикални членови. Тој додаде дека во компанијата има околу 820 вработени, а околу 400 кооперанти соработуваат со фабриката.