Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во тетовски Лешок ја посети црквата „Успение на Пресвета Богородица“ каде пред неколку недели беше откриено трослојно сликарство. Таа посочи дека проекти и откритија како ова сè уште поголема потврда дека има потреба за повеќегодишни финансирања на вакви работи наместо досегашната практика со одвојување на средства во фази.
Досега не се дозволуваше повеќегодишно финансирање, па сега се менува Законот за заштита на културно наследство исто и Стратегијата за заштита, со што, според министерката ќе се овозможи повеќегодишно финансирање од областа на заштитата.
– Проекти како овие навистина ни покажуваат дека треба да имаме се повеќе вложувања во областа на културата и еве можеби ова ќе биде еден апел за да имаме што повисоки буџети во Министерството за култура. Меѓутоа, тоа не е единствената да кажам засега пречка она што сега не го дозволуваше законот. Тоа е повеќегодишно финансирање. Ние не само за оваа работа за работите во црквата, во внатрешноста, туку и за реконструкцијата на конаците, ќе направиме правно да биде издржано повеќе годишно финансирање преку информација на Влада за да бидеме сигурни дека од овде овие работи ќе бидат постојано на приоритетна листа на институцијата и дека ќе се завршат. Кога ќе се осигурат и финансиите кога ќе се осигури и правната рамка, тоа значи дека работата е веќе пола завршена, изјави Костадиновска-Стојчевска
Конзерваторот Владо Мукоски посочи дека покрај трослојното сликарство од пред некој ден, деновиве има и нови откритија во олтарот. Тој потенцираше дека токму поради вакви нови работи кои конзерваторите ги наоѓаат особено е важно да имаат подобри услови за работа.
– Откриевме архијереј, наверојатно станува збор за Кирил Александриски, допрва историчарите ќе имаат доста работа за да го констатираат периодот од кога датира ова сликарство. За секој случај станува збор за старо и вредно сликарство. Самиот тим работеше макотрпно на раслојување на сите слоеви и успеа да ги сочува и живописот, што е реткост во светски рамки. Разговаравме за долгогодишно финансирање на вакви работи и поддржување на овие работи. Затоа што е ова деликатна работа и бара континуитет. И министерката се увери во самиот наш потфат и успех и се надеваме дека ќе имаме големи резултати. Тука сме неколку години. Не очекувавме, не може да се претпостави со што ќе се соочите наредната година, сите овие откритија фрлаат друга динамика на работите, ги менуваат, не може да се предвидат овие откритија. Ова сега што сега е откриено, бара едно друго темпо, долгорочно темпо на работа и една соодветна презентација, посочи Мукоски од Националниот конзерваторски центар.
Министерката за култура беше пречекана од митрополитот г. Јосиф, кој изрази надеж дека ќе се реализираат ветувањата бидејќи станува збор за исклучително културно и духовно наследство кое е пронајдено.