Во Домот на Армијата во Скопје денеска ќе биде промовирана книгата „Дипломатија и меѓународно право“ од Зоран Јовановски, професор на Воената академија Генерал „Михаило Апостолски“.
– Содржината на оваа книга е насочена кон променливата улога на дипломатијата и меѓународното право поради голем број на глобализирани учесници. Според тоа, оваа книга може да го премости јазот академски во светската политика и да стимулира поголем интерес за истражување на дипломатијата и меѓународното право, вели професор Јовановски во предговорот на книгата.
Професор д-р Стјепан Домјанчиќ, актуелно воено аташе na Хрватска во Северна Македонија, еден од рецензентите и промоторите на книгата, смета дека посебна вредност претставува авторовиот осврт на развојот, улогата и положбата на дипломатијата во македонските услови, односно, македонската дипломатија во современиот свет.
Монографијата е систематски и логички подредена на современ начин каде што во пет тематски целини се прикажани најважните правни акти, правни институти, принципи и начела на дипломатијата во нејзината корелација со меѓународното право.
– Материјата е презентираната на еден јасен, студиозен, стручно-методолошки начин, поради што читателите ќе можат без тешкотија да ја совладаат. Овој труд ќе им овозможи на сите заинтересирани да се стекнат со потребните знаења за оваа област, а ќе даде придонес и во македонската научна и стручната јавност, вели Дејан Маролов, професор на Правниот факултет при Универзитетот Гоце Делчев во Штип, еден од рецензентите.
Зоран Јовановски е редовен професор по управно право на Воената Академија во Скопје и автор на повеќе книги и научни трудови. Роден е во Тетово 1968 година. Завршил Воена гимназија и Воена Академија во Белград, а 2012 година докторира на Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје.