Потребен е широк консензус за европскиот реформски пат кај сите политички партии и од власта и од опозицијата, било констатирано на денешната средба на министерот за правда Кренар Лога со амбасадорката на Хрватска, Нивес Тигањ.
На средбата, како што соопшти Министерството за правда се разговарало за процесот на уставни измени и преземањето одговорност при носењето на одлуката, со која ќе се отвори патот кон големото европско семејство.
-Ова е неповратен процес кој нема алтернатива, било констатирано на средбата.
Лога и Тигањ разговарале и за претстојниот Преспа форумот за дијалог, кој ќе се одржи на 15 и 16 јуни во Струга, а на кој ќе присуствуваат високи меѓународни претставници, меѓу кои и претседателот на Хрватска и Зоран Милановиќ и министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман.
Министерот и амбасадорката, се вели во соопштението, нагласиле дека Преспа форумот за дијалог ќе биде добра основа за продлабочување на меѓусебната соработка, зацврстување на стратешките партнерства, европската и евроатлантската перспектива на регионот.
Лога и Тигањ дискутирале и за предизвиците со кои се соочуваат компаниите од Хрватска, кои инвестираат во Северна Македонија и за отворањето на нови работни места.
-Билатералната соработка ќе се интензивира преку иницирање на заеднички напори за реализација на проекти преку кои ќе се пренесе знаењето и вештините за европските практики, нагласува Министерството за правда.