Медиуми: Резултатите од изборите нема да донесат политичка стабилност во Црна Гора

evropa-sad
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Сите гласови во Црна Гора се преброени по предвремените парламентарни избори. „Движењето Европа сега“ победи со околу 26 отсто од гласовите. Станува збор за партијата од која дојде претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, а сега ја води Милојко Спајиќ.

Резултатите од парламентарните избори нема да ја донесат долгоочекуваната политичка стабилност во Црна Гора, оценија денеска медиумите во Подгорица, откако „Движењето Европа сега“ постигна тесна победа на вчерашните избори.


„Движењето Европа сега“ (ПЕС) освои 24 пратенички места, од вкупно 81 во црногорскиот парламент.

Станува збор за партија која произлезе од црногорска влада по изборите во 2020 година, која беше формирана со силно влијание на Српската православна црква. Доби поддршка поради популистичките мерки за зголемување на минималната плата во Црна Гора, а за време на изборната кампања партијата вети дека ќе ја зголеми просечната плата на 1.000 евра, а минималната пензија на 450. ПЕС го поддржува европскиот пат на Црна Гора и се залага за еден вид нормализирање на односите со Србија по период на тензични односи во ерата на Мило Ѓукановиќ.

– Ова е голема победа за ПЕС и за нашата листа. Од статус на вонпарламентарна партија за неполна година станавме најголемата партија во Црна Гора. И тоа и покрај сите притисоци, злоупотреба на државните ресурси и сето она на што сте сведоци деновиве. Задоволни сме од резултатот. Ви благодариме на сите што денеска гласавте за „Движењето Европа сега“ и благодарам на сите што учествуваа на изборите. Постигнавме, како што кажав, добар резултат и очекуваме што поскоро да се формира влада. Ќе разговараме со сите кои ги делат нашите вредности, изјави Милојко Спајиќ, претседател на ПЕС.

Најстабилна влада би била коалицијата на тоа движење со Демократската партија на социјалистите на поранешниот лидер Мило Ѓукановиќ, која освои 21 мандат, но лидерот на Движењето Европа сега, Милојко Спајиќ, во своето прво обраќање по објавувањето на резултатите ја отфрли таа можност.

Јасно е со кого нема да формираме влада, тоа е Демократската партија на социјалистите и Обединетата реформска акција, рече Спајиќ.

Со тоа, како што се оценува, тој ја отфрли можноста Црна Гора да ја добие единствената стабилна коалиција која со поддршка на малцинските партии би можела да донесе политичка стабилност во земјата во следните четири години.

Спајиќ ќе треба да бара мнозинство во преговорите со просрпската коалиција За иднината на Црна Гора, која беше формирана од партиите кои претходно го формираа Демократскиот фронт кој се распадна пред изборите, а кој освои 14 мандати. Лидерите на таа коалиција Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ се блиски со српскиот претседател Александар Вучиќ, а нивната агенда е барање за повлекување на црногорското признавање на независноста на Косово. Оваа иницијатива ја формулираа на ниво на општина Зета со 15.000 жители, во која се локалната власт.

Партнер на Движењето Европа сега може да биде центристичката коалиција на Демократска Црна Гора на Алекса Бечиќ, која заедно со Обединетата реформска акција на Дритан Абазовиќ освои 12 мандати.

Но, тука има и проблем. Спајиќ го обвини се уште техничкиот премиер Абазовиќ за создавање афера во последната недела од изборната кампања, во која лидерот на Движењето Европа сега е обвинет за соработка со меѓународниот бегалец, јужнокорејскиот крал на криптовалутите До Квон, кој е во притвор во Црна Гора од март, а кого го бараат САД и Јужна Кореја за измама на пазарот на криптовалути, наведуваат медиумите во Подгорица.

Затоа Спајиќ во својот говор ја отфрли можноста за соработка со Абазовиќ, наведувајќи дека новата влада нема да работи со неговата УРА.

Аналитичарите не ја исклучуваат можноста да не се формира нова влада во законскиот рок и наесен повторно да се одржат парламентарни избори.

Излезноста на гласачите на вчерашните избори беше околу 55 отсто, што е историски минимум во Црна Гора.

Извесно е дека новата влада нема да може да се формира без малцинствата, бидејќи партиите на Хрватите, Бошњаците и Албанците за првпат освоија 10 мандати.

Бошњачката партија, која имаше два мандата во претходниот состав на парламентот, вчера доби шест и го постигна својот најдобар резултат. Албанските партии ќе имаат три мандати, а Хрватската граѓанска иницијатива ќе има еден мандат.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK