Во Националната опера и балет вечер ќе биде отворено третото издание на Фестивалот за класичен балет и модерен танц. Организатор на фестивалот е Детскиот културен центар „Карпош“ со поддршка на Град Скопје.
– Фестивалот за класичен балет и модерен танц е референтна точка за сите вљубеници во балетската уметност и модерниот танц, изјави директорката на установата Билјана Лалчевска Серафимовска.
Фестивалската програма опфаќа класичен балет и мноштво од современи стилови. Публиката ќе има можност да ги проследи изведбите на малите балерини, членови на балетската секција на ДКЦ „Карпош“, Балетското студио „Балерина“, ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, Оља Тодоровска, како и гости од странство, Studio Baletit Angels, од Приштина и гостите од Љубљана – KGBL.