Социјалдемократскиот сојуз на Македонија работи за иднината и инвестира, но никогаш не го заборава основниот столб што го држи нашето општество заедно, а тоа е граѓанинот, порача премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на денешната трибина „Резултати што прават разлика“ што се одржа во Кавадарци. [СДСМ Трибина Кавадарци]
– Правична социјална држава е еден суштински дел на нашите политики изградени врз принципите на правичност, сочувство и солидарност. А за време на најголемата економска и енергетска криза, покажавме и колективна одговорност, никој не беше оставен сам. Ние гарантираме социјална заштита и социјални услуги за сите и затоа со гордост може да кажеме дека континуирано се грижиме за сите наши граѓани. Се грижиме за работниците, за пензионерите, наставниците, лекарите, медицинските лица, рече Ковачевски.
Со конкретни наши политики, додаде тој, правиме се да го премостиме јазот меѓу оние што имаат повеќе и оние што немаат доволно, да ги елиминираме разликите и нееднаквоста. Ковачевски нагласи дека СДСМ се бори за социјална правда, еднакви можности и искоренување на сиромаштијата, истакнувајќи дека партијата во секој сегмент, во секое поле и во однос на политичките противници, зад себе има резултати што прават разлика.