Македонско друштво „Илинден“ – Тирана ги повикува Македонците во Република Албанија да аплицираат на повикот на Институтот за статистика ИНСТАТ, за ангажирање лица за претстојниот попис на населението и домаќинствата.
-Институтот за статистика на Албанија, кој е носител на оваа значајна статистичка операција, објави повик за ангажирање лица за пописот што ќе почне на 18 септември и ќе трае шест седмици. Апелираме до Македонците да се пријават за да може непосредно да бидат ангажирани. Тоа може да го сторат на https://www.instat.gov.al/al/rekrutime-cens/, рече за МИА Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Според ИНСТАТ, за пописот ќе бидат ангажирани 8000 попишувачи, околу 1200 контролори и 6000 геодети.
Во однос на трошоците за пописот, Интитутот пресметува дека ќе бидат потрошени 16,8 милиони евра, при што трошокот по жител е 5,7 евра блиску до просекот на европските земји. Над 50 отсто од трошоците се за лицата ангажирани на терен.
Последниот попис во земјата беше спроведен во 2011 година. Планираниот за 2021 беше одложен поради пандемијата со Ковид-19, а минатата година бидејќи „не биле обезбедени неопходните алатки за собирање информации на терен“.
Првиот попис во Албанија е спроведен во 1923 година, а годинешниот ќе биде 12-ти по ред.