На покана на претседателот Бајрам Бегај, в среда во тридневна официјална посета на Албанија ќе допатува претседателот на Република Естонија, Алар Карис. Тоа ќе биде прва посета на естонски претседател на Албанија и значаен настан во билатералните односи меѓу двете земји.
– На седми јуни попладне гостинот ќе биде пречекан со сите државнички почести по што двајцата претседатели ќе имаат средба по која следува средба на официјалните делегации. На крајот од средбите двајцата претседатели ќе имаат заедничка прес-конференција, соопштија од кабинетот на Бегај.
Во центарот на разговорите ќе биде потребата од натамошно унапредување на билатералните односи, особено во однос на прашањата за економската соработка и електронското работење, но и случувањата во регионот на Западен Балкан, европската интеграција на Албанија и земјите од овој регион. Посебно внимание ќе посветат и на влијанието на руската воена агресија во Украина, за Естонија и регионот на балтичките земји, но и за Западен Балкан.
На 9 јуни, двајцата претседатели ќе присуствуваат на заедничка кибер-вежба на експерти од Естонија, Албанија, Црна Гора и Северна Македонија.
Во рамките на оваа посета, претседателот на Естонија ќе се сретне и со други високи албански личности, а планирано е да го посети и градот Берат.