Времен сообраќаен режим за „Охрид трчаТ“ утре во Охрид

trcat_34534544
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 Низ дел од охридските улици утре ќе биде воведен времен сообраќаен режим во периодот од 8 до 11:30 часот поради одржување на трките од седмото издание на спортската манифестација „Охрид трчаТ“.

– Ве повикуваме да бидете дел од нашата визија и заедно да покажеме почит и разбирање кон сите оние кои одлучиле да дојдат во Охрид да трчаат и уживаат во неговите убавини. Ве молиме да имате разбирање и да го почитувате времениот сообраќаен режим, апелира организаторот.


Сопствениците на возила ги замолуваат да ги паркираат возилата на соодветно место, од каде ќе можат да ги користат доколку имаат потреба во тој период и да ги почитуваат насоките на редарите, волонтерите, судиите, сообраќајната полиција и поставената сигнализација.

За време на манифестацијата затворени за сообраќај ќе бидат улиците „Кеј Македонија“, „Македонски Просветители“, „Партизанска“, „Јане Сандански“, „Димитар Влахов“, „Туристичка“, „Абас Емин“, „Кирил и Методиј“, „Илинденска“, „Коста Абраш“, „Св. Наум Охридски“ и патеката Студенчишта.

Како алтернативни паркинг простори организаторите на настанот ги посочуваат паркингот кај Горна Порта, позади Центарот за култура „Григор Прличев“, како и просторот кај поранешниот спортски полигон.

Седмото издание на спортскиот викенд „Охрид трчаТ“ почна вчера со официјална прес конференција и експо. Синоќа се одржа ноќна рекреативна трка, концерт со охридски изведувачи и паста забава. За денеска предвидена е посета на Свети Наум, ноќно крстарење низ Охридското езеро и панел дискусија на тема „Регионалната соработка VS спортските настани“.

На годинашното издание ќе трчаат 1.930 учесници од 28 држави на трките од 21 и пет километри, како и штафетната трка.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK