Во рамки на Отворениот ден на училиштето, денеска на деветтоодделенците од Делчево им беа претставени образовните профили кои ги нуди Средното општинско училиште „Методи Митевски – Брицо” за упис во прва година во учебната 2023/2024 година.
Како што информираше професор Лидија Таушанска, идните средношколци на настанот се запознаа со просторните капацитети на училиштето, опремата и ресурсите со кои располага.
-На овој Отворен ден, ние професорите накратко ќе ги презентираме нашите струки односно гимназиско образование кое е составено од природно-математичка струка, општествено-хуманистичко подрачје и јазична струка, сите со две комбинации А и Б, а тука се и двете стручни насоки, текстилно-кожарската струка и хемиско-прехранбената струка. Секој од професорите си има своја задача со која им го претставуваме нашето училиште преку кратки презентации, а исто така можат да видат во какви услови се учи, нашите просторно можности, рече Таушанска.
Училиштето, како што додаде, е активен учесник во проектите кои се реализираат како дел од Еразмус плус програмата што, според неа, знали дека учениците ќе можат да следат настава по светски стандарди.
Главните цели на училиштето, како што беше истакнато на денешниот Отворен ден на училиштето, се учениците да се здобијат со трајно употребливи знаења, со креативни и практични вештини овозможувајќи им своите интереси и способности да ги применат во сите области на работата и животот.
-Унапредувањето на квалитетот на воспитно-образовниот процес во училиштето е приоритет за сите вработени. Нашето училиште има за цел да обезбеди еднакви услови за сите ученици, како и да го зголеми квалитетот на образованието преку осовременување на наставните програми и воведување на современи методи на настава и учење, потенцираа делчевските професори.
Во соработка со општествено одговорни фирми, сите ученици кои годинава ќе се запишат во дуална паралелка ќе добиваат стипендија во месечен износ од 3.300 денари за девет месеци во годината.