Вкупно 25 деца од второ и трето одделение од четири основни училишта во Охрид изминатите две недели го усовршуваа читањето и раскажувањето во рамки на проектот „Читаме и раскажуваме гласно“ што го реализира библиотеката „Григор Прличев“ со поддршка на Министерството за култура.
Таков проект, според Бети Лазеска Симоноска, библиотекар во охридската Библиотека, првпат се одржува во оваа установа. Смета дека изминатите две недели постигнале голем напредок кај дечињата изразувајќи надеж дека такви проекти ќе продолжат и во иднина што ќе придонесе во надминување на тешкотиите со читањето и усното изразување и ќе го збогати речникот на учениците.
– Реализиравме вежби за читање текстови со различни содржини во текот на изминатите две недели во еден поинаков амбиент, каде децата се чувствуваа послободни од една страна, а од друга страна успеваме поблиску да ја доближиме Библиотеката до самите нив. Бевме само припомош за наставниците и се надеваме дека успеавме само делумно да им помогнеме на децата во совладувањето на потешкотиите во читањето и усното изразување, изјави Лазеска Симоноска.
Според неа, со помош на наставниците, биле избрани деца, кои имаат потешкотии во читањето и во овој двонеделен период успеале да ги ослободат во читањето и усното изразување.
– Имавме една подолготрајна подготовка на проектот во однос на содржините кои требаше да ги обработуваме и за овој последен час имаме натпревар во читање. Оној што најбрзо ќе го прочита текстот ќе добие соодветна награда и се разбира секој од овие деца си добива диплома за учество во проектот, додаде Лазеска Симоноска.
Дечињата не го криеја своето задоволство што присуствувале на овие часови искажувајќи ги своите впечатоци преку насловите на текстовите, кои им оставиле најголем впечаток.
Мултииндикаторското кластерско истражување на Државниот завод за статистика покажува дека 45 проценти од децата во второ одделение имаат основни вештини за читање, односно можат правилно да прочитаат 90 проценти од зборовите во расказот, да одговорат на три прашања за буквални значења и две праања за изведени значења. Дури 69 отсто успеале правилно да ги прочитаат зборовите, но само половина од нив точно одговориле на прашањата за изведени знаења. сс/цр
Фото: МИА