Собранието денеска разгледа повеќе точки од 95 седница за кои дополнително ќе се гласа. За Предлог-законот ратификација на Договорот за соработка во областа на механизмите за обезбеденост со храна во Западен Балкан, опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека договорот со кој без бариери и слободно ќе може да се увезува и извезува храна за да се создадат услови за снабдување на граѓаните од земјите во иницијативата „Отворен Балкан“ е одлична идеја за земјите што имаат вишок на храна и ќе можат да ја пласираат на пазарите, но не и за нашата држава зашто „нејзиното земјоделство е уништено“.
– Договорот е во ред, но не и политиката на Владата кон земјоделството. Владата го уништува земјоделството. Сите кои имаат развиено земјоделство и вишоци ќе може да пласираат, што не е случај со Република Македонија. Договорот е добра форма и ќе се сведе на тоа што беше досега – ако има милост Србија ќе ни даде жито и зејтин, Албанија ќе не обезбеди со раноградинарство, зашто ние нашето во 50 проценти го уништивме. Македонија само ќе продолжи да раскажува приказни како хранела држава со 22 милиони жители, рече пратеникот Здравко Трајанов.
Според Антонијо Милошоски, најголем корисник од договорот ќе биде Србија зашто во минатите пет-шест години најмногу вложила во производство на храна кое, како што рече, кај нас е во драматично опаѓање.
Тој смета дека намаленото производство и кратење на субвенциите ги демотивира земјоделците да произведуваат и земјава повторно ќе стане уште позависна од увоз на храна од соседни земји.
Предлог-законот за ратификација на Конвенцијата за елиминирање на насилството и вознемирувањето на полето на трудот, предложен од МНР, за пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е „лицемерие на Владата во однос на работничките права“.
Милошоски рече дека Владата декларативно поддржува се што на меѓународно ниво е заложба за почитување на работнички права, усвојува конвенции на кои државата се обврзува, а на домашен план, рече, „гледаме сосема друг пристап“. Како што рече, тоа се гледа со измена на Законот за работни односи заради изградба на коридорите 8 и 10д.
– Се прескокна одлуката на Уставен суд и правото од 40 часа работна недела, се злоупотреби европско знаменце со воведување на најмалку 60 часа работна недела, рече Милошоски.
Пратеникот Трајанов додаде дека во член 9 од Конвенцијата што треба да се ратификува земјите се обврзуваат да осигураат безбедност на работниците.
– Како ќе им ја обезбедиме безбедноста кога треба да работат 60-70 часа неделно. Тие ќе се заморени и ќе се случуваат несреќи, но никој нема да одговара зашто работниците сами ќе си ги потпишат договорите, додаде Трајанов.
За Предлог на закон за ратификација на Протоколот за изменување и дополнување на Договорот помеѓу Страните на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа за автоматизирана размена на ДНК податоци, дактилоскопски податоци и податоци за регистрација на возила, за кој е исцрпена расправата и дополнително ќе се гласа, Милошоски рече дека недостаток на протоколот е тоа што меѓу земјите од регионот не го вклучува и Косово.
– Нашата забелешка е дека ако се работи за размена на податоци, организирањето би било нецелосно во регионот доколку една од земјите во регионот не е вклучена. Затоа упативме во МНР да интервенираат целиот регион да биде опфатен, особено ако се има предвид дека дел од организираниот криминал во регионот има свои конекции со Косово, додаде Милошоски.
Во рамки на 95 седница заврши општата расправа за уште неколку предлог-закони за кои дополнително ќе се гласа: за ратификација на договорот меѓу Европската унија и Република Северна Македонија за учеството на Република Северна Македонија во „Царините“ Програма на Унијата за соработка во областа на царините; за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Финансискиот договор за заем на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје за мали и средни претпријатија, средно пазарно капитализирани претпријатија и зелена транзиција, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје, по скратена, за Предлог-одлука за одобрување Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2023 година, како и предлогот за разрешување на Љупчо Коцарев од членство во Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност.