Почнува Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа

kinematografi
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Од денеска до 6 јуни ќе се одржи Фестивалот на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа SEE FF Paris-Berlin-Washington 2023. Традиционално, како и секоја година, на фестивалот се презентираат остварувања од регионот во европските престолнини Париз и Берлин и во Вашингтон, САД.

Во селекцијата на играни филмови е и македонскиот филм „Кино Љубов“ од Јани Бојаџи, како и селекција кратки и анимирани филмови од македонски автори.


Тринаесеттото, онлајн издание на фестивалот на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа, се организира во соработка со универзитетите Еуропа Прима од Скопје, ИНАЛКО од Париз, Хумболд од Берлин и American University од Вашингтон.

За наградите на фестивалот ќе одлучуваат две жирија, европско и американско. Во состав на европското жири се Фроса Пејоска-Бушеро, професор на ИНАЛКО Париз и филмските критичари Фредерик Фапани, Ив Русле и Игор Станковиќ. Американското жири го сочинуваат Роман Костовски, Патрисија Корбет, и Жаклин Хедингтон, филмски и литературни публицисти и критичари.

Наградените филмови од фестивалот, подоцна ќе бидат презентирани во рамките на проектот Балканофилмофилија во Скопје, во соработка со Кинотеката на Македонија и Општина Карпош, како и во повеќе други градови од Балканот.

Покрај покровителството од Министерството за култура на Република Франција, Министерството за култура на Црна Гора, со официјално писмо од министерката Маша Влаовиќ до претседателот на фестивалот Јордан Плевнеш, објави дека ја продолжува традиционалната поддршка на фестивалот како еден од најважните промотори на културата на земјите од Југоисточна Европа во европските и светските центри.

Во досегашната историја на оваа манифестација која стана културен прозорец на новите имиња на синеасти кои за првпат ги презентираат своите остварувања во двата најголеми центри на Европа, досега се прикажани над стотина играни и поголем број документарни, кратки и анимирани филмови.

Покрај тековната фестивалска продукција, во соработка со Academia Balkanica Europeana, фестивалот ги воведе признанијата „Легенди на Југосточна Европа“ во која ги вреднуваше опусите на режисерите Вељко Булајиќ, Душан Макавејев, Луцијан Пинтилие, Боро Драшковиќ. Оваа година виското признание му припадна на познатиот хрватски режисер Бранко Шмит (SEE Film Legend 2023). Актерите Мики Манојловиќ, Мето Јовановски, Раде Шербеџија, Јон Карамитру, Емир Хаџихафисбеговиќ, Милена Зупанчич, Арта Доброши беа досегашни добитници на признанието Актер на Југоисточна Европа, а оваа година добитик на ова престижно признание е хрватската актерка Ања Шоваговиќ-Деспот (SEE Actress 2022).

Престижното признание Личност на Југоисточна Европа (SEE Personality 2023), му припадна на Ацо Ристов, Градоначалник на Општина Радовиш, како валоризација на неговите економски иницијативи за европеизација на Балканот.

Признанието за животно дело во областа на филмската документаристика „Гран При Фредерик Росиф 2023“ кое го носи името на еден од најпознатите автори на документарниот филм во светот, ми припадна на францускиот докуметарист Серж Моати. Наградата Еуропа Прима (Europa Prima 2023) му е доделена на извршниот директор на Skopje Technology Park, Иван Видаковиќ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK