Изложба на слики од ликовниот уметник Владимир Темков од Кавадарци, беше отворена синоќа во галеријата на Чифте амам, во Старата скопска чаршија.
Претседателката на македонското Друштво на ликовни уметници, Јана Манева Чупоска, ја нарече оваа ретроспективна изложба, „Патување низ времето“. Со неа, авторот прикажува 45 години творештво.
– Делата во оваа изложба за мене претставуваат еден вид на патување низ времето. Преку оваа изложба сите заедно патуваме низ времето, креирано од авторот, во неговиот уметнички универзум, рече меѓу другото таа, нагласувајќи ја силната фантазија, без која не може ниту еден уметник, ниту едно сликарство.
Способноста да се креираат нови имагинарни светови, е, всушност, според неа, силниот ликовен потпис, што Темков го гради веќе 45 години.
– Јас ги слушам птиците на Темков. Ги има во своите дела. Го слушам жуборот на водата. Го слушам и тивкиот шепот на дрвјата, рече претседателката на ДЛУМ.
Манева Чупоска нагласи дека припадноста на творештвото на Темков кон експресионизмот со навидум апстрактни слики и форми, сепак ја препознава личната авторска експресија.
Според неа, се работи за еден пристап, на едно сериозно аналитичко сликарство, што е пред сѐ слоевито, не ви дозволува како гледач само да прошетате на пола секунда пред самото дело, потребно е долго гледање на сликите, за да можете да ги забележите сите ликовни изненадувања.
Таа рече дека со задоволство споделува, дека после 75 години, друштвото конечно се вдоми, во прекрасен простор, благодарение на Министерството за култура. Тоа, како што нагласи, е историски момент. А, токму Темков е поранешен потпретседател на ДЛУМ и таа додаде дека има голем влог во друштвото.
Пензионираниот универзитетски професор Кирил Темков се осврна на животот и делото на уметникот. Тој рече дека сликите од изложбата се само мал дел од сето она што го има создадено уметникот. Професорот потсети дека авторот на изложбата има напишано и книга за своето творештво, „Драга уметност“.
Авторот на изложбата, чии слики пред неколку дена беа изложени и во Њујорк, се заблагодари за можноста да ги претстави своите дела, до сите што учествуваа во организацијата на настанот.