– Индискиот премиер Нарендра Моди денеска ќе го отвори новиот парламентарен комплекс, централен дел на проектот вреден 2,4 милијарди долари за обнова на зградите од британската колонијална ера во центарот на главниот град и да му се даде изразито индиски идентитет.
Новиот комплекс во форма на триаголник е спроти зградата изградена од британските архитекти Едвин Латјенс и Херберт Бејкер во 1927 година, две децении пред независноста на Индија.
Стариот парламент ќе биде претворен во музеј, најави индиската влада. Таа соопшти дека новата зграда на парламентот е многу потребна бидејќи постоечката има повеќе проблеми, кои се однесуваат на капацитет, инфраструктура, технологија и безбедност.
Новата зграда, рече Моди кога започнуваше изградбата во декември 2020 година за време на пандемијата, „ќе биде сведок на создавање независна Индија“.
Покрај модерната технологија, новиот парламент има вкупно 1.272 места во двата дома, речиси 500 повеќе отколку во старата зграда и најмалку три пати повеќе простор.
Изграден е на четири ката и има холови со национални симболи на паун, лотос и бањана, а има мурали, скулптури и уметнички дела од целата земја кои ја рефлектираат индиската цивилизација стара 5.000 години, рече архитект вклучен во проектот.
Критичарите на Моди го гледаат новиот парламент, кој е дело на архитект од неговата родна држава Гуџарат, како обид да го зајакне својот бренд на национализам како дел од личното наследство.
Опозициските партии најавија дека ќе го бојкотираат отворањето и посочија дека комплексот треба да го отвори претседателот на државата, а не Моди.