Ако пред 12 години планинското трчање беше екстремно тенка нишка на спорт кој беше резервиран за малкумина кои се броеја на прсти, сега тоа е практикувано редовно од многу поголем број на луѓе, оценува во интервју за МИА директорот на „Охрид Ултра-Треил“ Дејан Крле.
Годинава, двете здруженија организатори на трката „Трекс“ и „Топ Адвенчрс“, слават мал јубилеј со настанот „Охрид Ултра-Треил“ – пет години постоење и збогатување на спортско-рекреативната и авантуристичка сцена во нашата најубава и посетувана туристичка дестинација. Настанот, како и досега ги содржи трките во планинско (треил) трчање во должина од 22, 40, 65 и 107 километри кои минуваат низ најубавите предели на Националниот Парк Галичица.
„Охрид Ултра-Треил“ е меѓународен спортски настан во природа што се одржува еднаш годишно во Националниот Парк Галичица и Преспанско-Охридскиот регион. Петтото издание на овој настан во планинско ултра-трчање опфаќа четири трки со дистанци од 100км, 60км, 40км и 20км и оваа година е закажано за денеска, а има 435 потврдени учесници од 32 држави, од кои точно 50 проценти се странци.
Планинското трчање е најбрзорастечкиот спорт во природа во светски рамки. Илјадници организирани трки што се случуваат во национални паркови, заштитени подрачја и природни резервати придонесуваат значајно да се зголеми популарноста на вон-сезонскиот авантуристички туризам во планинските региони и местата со значајно културно наследство низ светот.
Трката, која е носител на настанот – „Охрид Ултра-Треил“, е долга 107 км со пет илјади метри искачување и учесниците ја започнаа синоќа во 23 часот од градскиот плоштад и низ стариот дел од Охрид, потоа минувајќи низ сите села во пониските делови на планината Галичица кон Св. Наум.
Таму, утрово, во манастирот Св. Наум, им се придружуваат учесниците на втората планинска трка „Галичица Ултра”- 65 км со 3,250 метри искачување преку козји патеки и макадамски патишта.
Третата трка „Самотска Треил Маратон“ од 40 км со две илјади метри искачување започнува од селото Пештани и преку селото Елшани се приклучува на главниот срт на планината Галичица низ заедничка маршрута со учесниците на двете подолги трки.
Последната трка „Летница Треил“ од 22 км – стартува од селото Велгошти и тие се соединуваат со останатите планински тркачи и заедно сите финишираат во Охрид на Градскиот плоштад.
Сите овие трки се наменети за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност и се особен поттик граѓаните да почнат да вложуваат во својот здрав психо-физички развој и да бидат пример на своите најблиски и децата.
Крле очекува идната 2024 година во мај во Охрид и на Галичица да ја имаат и првата јуниорска трка во склоп на „Охрид Ултра-Треил“.
Интервјуто го пренесуваме во целост:
Веќе петта година по ред ја организирате трката „Охрид Ултра-Треил“. Како дојдовте до оваа идеја, дали во земјава организирате и други вакви трки?
– Веќе неколку години нашиот календар на тркачки (треил) настани е комплетиран со четири трки на различни места во Македонија. Нашата најпозната трка Крали Марко Треилс оваа година по една подолга пауза ја вративме на почеток на месец март, веднаш после тоа го имавме шестото издание на Водно-Матка Треилс на почетокот на април, крај на мај е резервиран за Охрид Ултра-Треил, а календарот го завршуваме со Струмина Треил во Штип во ноември, пократка но веќе доста позната трка која се одржува од 2015 година редовно.
Досега сме имале и други спортски настани кои сме ги организирале или биле во коорганизација во насока на промоција и развивање на планинското трчање како филмскиот фестивал Луѓе како нас, трката Церипашина Вертикал како и трката Хај Скардус Ултра Треил на Шар Планина.
Една од клучните карактеристики со кои се одликуваат планинските и ултра тркачи при практикувањето на спортот е упорноста и трпеливоста, а бидејќи во организација на овие настани сите сме активно вклучени во трчањето на планина овие две карактеристики се пресликуваат и во нашите организации. Трекс официјално постои од 2014 година но активно работи на промоција и развој на планинското трчање уште од 2011 година со поддршка на тогашниот планинрски клуб Макпетрол. Кога нешто со љубов и посветеност ќе се работи олку време тогаш мислам дека намерата и нашата основна цел – привлекување на што повеќе луѓе во планинското трчање се оформува и станува реалност.
Ако пред 12 години планинското трчање беше екстремно тенка нишка на спорт кој беше резервиран за малкумина кои се броеја на прсти сега тоа е практикувано од многу поголем број на луѓе редовно. Ме радува секој момент кога на моето Водно ќе начекам тркач или мала група на луѓе, особено па и ако тие се некои непознати за мене, и секогаш ги поздравувам и им давам поддршка.
Во блискава иднина веќе работиме на еден проект за млади кој има за цел (на почеток) на „Охрид Ултра-Треил“, но понатаму и на сите наши останати настани да развие трки за јуниори (млади од 13-18 години). Проектот кој го работиме со нашите колеги ПК „Тара“ и Планинарскиот Сојуз од Србија и „Хг Идрија“ од Словенија се нарекува „Green Trails of Future“ (во превод Зелени Патеки на Иднината) – https://gtof.net/ и веќе е во фаза на имплементација, а во Македонија очекуваме идната 2024 година во мај во Охрид и на Галичица да ја имаме и првата јуниорска трка во склоп на „Охрид Ултра-Треил“.
Како е замислен овогодишниот „Охрид Ултра-Треил“?
Оваа година славиме мал јубилеј со настанот Охрид Ултра-Треил – пет години постоење и збогатување на спортско-рекреативната и авантуристичка сцена во нашата најубава и посетувана туристичка дестинација. Настанот, како и досега ги содржи трките во планинско (треил) трчање во должина од 22, 40, 65 и 107 километри кои минуваат низ најубавите предели на Националниот Парк Галичица.
Со ова, ние како организатори (здруженијата Трекс и Топ Адвенчрс) нудиме трка за речиси сите нивоа на психофизичка спремност на учесниците, а пак природата на треил и ултра трките е таква што ниедна трка не е ни приближно иста една со друга, па макар и на истата патека.
Специфичните услови во кои се одвиваат овие авантуристички настани, самата природа, временските прилики и опкружувањето се секогаш различни, па тргнувајќи од тоа, секоја година Охрид Ултра-Треил нуди уникатно искуство полно со предизвик и вистинска авантура за учесниците.
„Охрид Ултра-Треил“ е меѓународен спортски настан, па кои се вашите очекувања, очекувате ли голем број на тркачи од странство?
Секако дека за привлекување на тркачи (не само странски туку и домашни) потребно е трката/настанот да понуди комбинација од атрактивна, нова и прекрасна локација, ништо од ова не би било примамливо без високо ниво на организација, добра поддршка од локалните чинители, квалитетни волонтери итн. кои заедно со локацијата во која се одвива трката го комплетираат искуството на посетителот тркач. Сметам дека досега со нашето искуство, број на организирани трки во планина и нашата конзистентност Трекс се има покажано како одличен домаќин и токму тоа е главната причина што имаме голем интерес. Од 435те потврдени учесници точно половината се странци од 31 земја.
Според вашите информации расте ли интересот за трката?
Трката започнавме да ја организираме во 2019 година и од тогаш бележи стабилен континуиран раст иако беше развивана во еден тежок период, што поради здравствената криза што поради други организациски потешкотии. Сеге тие проблеми се надминати и оваа година во однос на минатата имаме раст од над 30 проценти повеќе пријавени и тоа околу 60 учесници на 100км, 50 на 65км, 100 на 40км и 230 на 22км.
Интересно е да се напомене дека за настанот Охрид Ултра-Треил има огромен интерес од страна на странците, и тоа не зборувам само за околни соседни држави туку и за далечни.
Оваа година горди сме на фактот што имаме претставници од 32 земји (најголема разновидност досега) и тоа од буквално цела Европа и по неколку претставници од другите континенти. Со ова можам да кажам дека Охрид Ултра-Треил е еден вистински магнет за тркачи од сите делови на светот, а тоа е дефинитивно оправдано.
Што ќе им порачате на тркачите?
Планината и националниот парк Галичица со местоположбата меѓу двете најголеми природни езера во Македонија и со близината на Охрид, Струга и Преспа поради бројните природни и историски значајности како УНЕСКО заштитено подрачје со право го носи епитетот на една од најпосакуваните дестинации за прошетка, активен одмор и туризам во нашата земја.
Ако треба да го опишам теренот на кои се движат нашите трки, тогаш со неколку зборови тоа би изгледало вака: див, разновиден, шарен, предизвикувачки, експониран… Значи, трките нудат минување на комбинација од шумски и високогорски предели (над 2000 м.н.в) низ прописни тесни и тешки планинарски патеки но и лесни, широки патишта (дел датираат и од Виа Игнација, а други се градени за време на Првата Светска Војна), се трча на плажа, покрај неколку реки и кањони, карстни полиња на височина, а гребените се неизбежен дел од Галичица.
ОУТ претставува идеална мешавина на се она што во суштина е треил трчањето, а поради комбинацијата на планината, настанот и регионот во кој се одвива непристрасно ќе кажеме дека трката е една од најатрактивните треил настани на Балканот, не само во Македонија.
Планинското трчање е напорен спорт за кој навистина е потребна добра психофизичка спремност па затоа би рекол дека очекуваме сите наши учесници да се во својата топ форма. Во суштина, најважниот момент за тоа како планинските и ултра трките драстично го променуваат и подобруваат животниот стил и здравјето кај луѓето е токму затоа што за нивно практикување е потребна голема редовност, конзистенција и долготрајност. Не можеш да се појавиш на трка туку така, едноставно мораш да се вложиш за да ја поминеш патеката.
Луѓето кои доаѓаат на овие трки не доаѓаат само за да бидат видени и да се сликаат за социјалните мрежи, туку тоа го прават од други реални побуди и причини: за Ултра трка не се тренира, Ултра е начин на живот!
Марија Спасовска