Република Северна Македонија е мостот што им е потребен на Западниот Балкан и на Европа денес, во надминувањето на сложените предизвици на денешницата, истакна премиерот Димитар Ковачевски, на централната свеченост по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј што денеска се одржа на Плаошник.
На чествувањето, кое прв пат годинава се одржа во знак на почит кон сесловенските просветители, претседателот на Владата забележа дека и во ова современо време во кое живееме, векови по времето на Светите Браќа Кирил и Методиј, има потреба од натамошни успешни мисии во насока кон интеркултурализмот.
– А нашата држава, со сите свои предизвици во развојниот пат, поради многу богатото културно и историско наследство, како и поради прогресивната раководна мисла, подготвено го следи космополитскиот дух на Светите Кирил и Методиј. Се докажа, во регионот и во Европа, дека сме потребниот мост, бидејќи покажавме, преку дела, како со разговор и со дијалог – како цивилизациски придобивки, се наоѓаат решенијата на преговарачките маси, рече Ковачевски.
Споре него, Плаошник е избран за чествување, бидејќи е местото каде е основан и дејствувал Првиот словенски универзитет. Затоа што, подвлече, тука најгласно одекнува вечната и непобитна вистина за потеклото на нашиот македонски јазик, нашата македонска писменост и култура, а со тоа и на нашиот македонски идентитет.
-Токму на оваа македонска почва светите Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ја создале писменоста од која што натаму се развива и современата македонска писменост. Од ова парче земја го црпиме старословенското, кирилметодиевското и црковнословенското наследство, суштински дел од културното наследство на сите словенски народи , а меѓу нив и на мојот, на нашиот македонскиот народ, истакна премиерот.
Одејќи по стапките на сесловенските просветители Кирил и Методиј, нагласи, Свети Климент Охридски, токму овде во Охрид, ја развил Охридската книжевна школа. Тоа е првиот словенски универзитет во тоа време и тој прераснува во еден од најголемите и највлијателните културни центри од каде се шири словенската писменост.
– Ракописи од Охридската школа денес се наоѓаат во речиси сите позначајни светски библиотеки и установи. Еден од наследнитеците на Климент, еден од најголемите борци за признавањето на македонскиот јазик, Крсте Петков Мисирков, вели, „за среќа има македонска национална култура и историја и тоа е факт кој го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во негова борба за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи. И јас сум убеден дека и Климент Охридски, еден од учениците на браќата Кирил и Методиј, и нивните наследници – Мисирков, Конески, како и Јаневски, Андреевски, Шопов, Рацин денес би биле подеднакво горди со сите нас. Затоа што, како што вели еден од нашите најзначајни современи дејци Блаже Конески, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик – јазикот е нашата целокупна татковина, подвлече премиерот Ковачевски.
Но, како што додаде, Конески предупредува и дека од нас зависи дали јазичната средина ќе биде загрозена или не.
– А ние нашата јазична средина ја заштитивме преку тешки државнички, храбри одлуки, како што доликува на една одговорна Влада која го цени своето богато културно и историско минато. Со овие одлуки најпнапред ги осигуравме територијалните граници преку членството во НАТО, а потоа го заштитивме македонскиот јазик и идентитет преку почетокот на преговорите со ЕУ минатата година. Силно сме посветени да го изодиме овој европски пат, да се осигураме дека европскиот квалитет на живот ќе го имаме и тука дома. Посветени сме да дадеме глас за Европа за да обезбедиме услови младите, луѓето, да живеат, учат, работат во својата родна земја. Да има кој да говори, пишува и создава на мајчиниот македонски јазик, денес и засекогаш во иднина, рече Ковачевски.
Овој 24 Мај, нагласи претседателот на Владата, го дочекуваме исправени и особено горди, затоа што македонскиот стандарден јазик, нашиот официјален јазик, е признат и е рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици во Европската унија.
– Денес јасно и гласно, во официјални изјави, на сите европски лидери и претставници на меѓународната заедница, нашиот јазик е прецизно именуван како македонски јазик. Ги отворивме вратите ширум и за активна промоција на македонските книжевни автори во Европа и размена на искуства на полето на науката и образованието. Покажавме дека сме достојни следбеници на сесловенските просветители, Кирил и Методиј, темелниците на европскиот интеркултурализам, кон што денес е насочена и целата современа, мултикултурна Европа, посочи Ковачевски.
Потсети на успешните мисии на браќата Кирил и Методиј, за внесување на словенскиот јазик, на рамноправно рамниште, создавајќи го и посебното словенско писмо – глаголицата и првиот литературен јазик на Словените – старословенскиот
– Светите Кирил и Методиј, како што цени науката, за првпат го активирале феноменот на словенскиот фактор, како еден вид рамнотежа – политичка, црковна и културолошка, во растежот на европската цивилизација и култура, гледајќи во него како на мост меѓу Источната и Западната европска цивилизација, нагласи премиерот.
Република Северна Македонија, подвлече, денес претставува успешен пример на функционална мултикултурна држава и кај нас се негува на дело еднаквоста на националните и на јазичните различности.
Се наврати и на активностите на Владата за заштита, негување и промоција на македонскиот јазик и на македонската култура дома, низ Европа и светот.
Пренесувајќи ја усвоената Декларација за македонскиот јазик, професорот Вобан Карапеовски од катедрата за македонски јазик при УКИМ, истакна дека македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој многувековен просторен и временски континуитет во составот на големата група словенски јазици, со посебно место во рамки на групата на јужнословенски јазици.
Наведувајќи повеќе факти за македонскиот јазик, посочи дека научната заедница смета дека тие недвосмислено укажуваат на тоа дека не само стекнатиот рамноправен статус во европското и светското семејство на јазици, туку и неговиот пат кон иднината не можат да бидат попречени од никакви негирања, фусноти, ѕвездички, додавки и слично.
-Македонскиот јазик ќе чекори гордо кон иднината носејќи ја со себе целата своја историја и целото дијалектно богатство, богатата усна и писмена традиција, современиот јазичен израз – стандарден и разговорен, својата литература и култура, надополнувајќи го и збогатувајќи го европското и светското јазично и културно наследство. Затоа, да го проучуваме и да го изучуваме македонскиот јазик, да го негуваме и да го афирмираме, да го сакаме и да го почитуваме, зашто само така ќе го продолжиме и ќе останеме доследни на големото дело на Светите Кирил и Методиј кои од овие наши свети простори ја рашириле писменоста низ целиот словенски свет, истакна Карапеовски.
Светите браќа кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи, а поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.
Активностите за одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј во Охрид претпладнето стартуваа со панел „Македонскиот јазик во словенскиот свет“ по што владина делегација предводена од премиерот Ковачевски, положи цвеќе и оддаде почит на споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј на градскиот плоштад во Охрид.
На настанот организиран со високи државни почести, цвеќе положија и официјални делегации од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија, делегација на Армијата на Република Северна Македонија, на Сојузот на борците од НОАВМ, на дипломатскиот кор, претставници на политички партии и други институции