– Во Делчево заврши интердисциплинарната манифестација „За сите деца“ која со низа содржини Здружението на граѓани „Еуритмикс“ ја организираше по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
Во рамки на програмата свој настап имаа членови на музичката Aкадемија MASS кои се претставија со музички точки на гитара, пијано и соло пеење, а беше одиграна и драмата „Панургиј“ од Русомир Богдановски.
-И оваа манифестација беше со хуманитарен карактер, бидејки на претходно организираната ликовна изложба сите ликовни творби беа купени по симболична неодредена сума. Собраните средства како и минатиот пат се донирани на Марко Здравковски, кој има 25 години и боледува од канцер, а во јануари годинава започна со терапија во Франција и за истата се потребни 150.000 евра. Му посакуваме што е можно поскоро оздравување, истакнаа од Еуритмикс.
Манифестацијата како што додадоа се реализираше во соработка со НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ и ЈЛБ „Илинден“ – Делчево.
-Огромна благодарност до учесниците во драмата, нашите родени актери кои сериозно ја издржа целата драма, покажаа посветеност додека работевме и професионалност на високо ниво, на сцена пред полна сала. Сите кои не успеавте да дојдете, ве очекуваме на 13-ти јуни на Завршниот концерт, заедно да се поздравиме со уште една успешно завршена учебна година, додадоа од делчевското здружение.
Во рамко на настанот беше доделена и наградата на победникот на Литературниот конкурс „За сите деца” награда која и припадна на младата Ева Ивановска.