– Шефовите на држави или влади на 46-те земји-членки на Советот на Европа на Самитот на СЕ во Рејкјавик донесоа одлука да формираат Регистар на штети предизвикани од руската агресија врз Украина како прв чекор кон воспоставување механизам за компензација, соопшти денеска Советот.
Лидерите се согласија да го зајакнат Советот и неговата работа на полето на човековите права, демократијата и владеењето на правото преку усвојување декларација за демократски принципи, повторно обврзување на Европската конвенција за човекови права и развивање алатки за соочување со нови предизвици во областа на технологијата и животната средина.
Членките на СЕ, како и Канада, Јапонија и Соединетите Американски Држави, формираа Регистар на штети предизвикани од руската агресивна војна против Украина, кој е замислен како прва компонента на идниот механизам за компензација.
Регистарот ќе служи како евиденција на докази и информации за барањата за штета, загуба или повреда предизвикана од 24 февруари 2022 година на сите засегнати физички и правни лица и на државата Украина.
Шефовите на држави или влади изразија подготвеност за понатамошно развивање на таков механизам, кој може да вклучува комисија за побарувања и фонд за компензација, и ја нагласија обврската на Русија да плати за штетата предизвикана од нејзината агресивна војна.
Челниците, исто така, го поздравија напредокот кон формирањето на специјален суд за кривично дело агресија и понудија поддршка од Советот.
Тие ја повикаа Русија веднаш да ги ослободи сите цивили насилно префрлени или илегално депортирани на нејзина територија или во привремено контролирани или окупирани области, особено децата.
Русија треба да ги почитува своите меѓународни обврски и да ги повлече своите сили од Украина, Грузија и Молдавија.
Напорите за обнова на Украина ќе бидат поддржани преку Акциониот план на Советот за Украина „Отпорност, закрепнување и обнова“ и Развојната банка на СЕ.
Членките на Советот усвоија Декларација посветена на положбата на децата и повикаа на поддршка на украинските власти за да обезбедат итно враќање на децата нелегално пренесени и депортирани од руските сили.
Сите сторители на ваквите кривични дела врз децата треба да се изведат пред суд, беше нагласено.
Предупредувајќи на падот на демократијата, лидерите на Советот ги усвоија „Принципите за демократија од Рејкјавик“ кои треба да бидат почитувани од демократските држави.
Меѓу принципите се слободата на изразување, собирање и здружување, независни институции, непристрасно и ефикасно судство, борба против корупцијата и демократско учество на граѓанското општество и младите.
Лидерите на 46-те земји-членки на СЕ ја потврдија својата длабока и трајна посветеност на Европската конвенција за човекови права, нивната непоколеблива посветеност на системот на Конвенцијата како механизам за промовирање мир и стабилност во Европа и нивната безусловна посветеност да се придржуваат до конечните пресуди.
Лидерите потврдија дека човековите права и животната средина се испреплетени и дека чистата, здрава и одржлива животна средина е од суштинско значење за целосно уживање на човековите права.