Ден на Европа: Визии за обединување на ЕУ во време на предизвици

evropa_345354353
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Брисел, 14 мај 2023

АФП, АНСА, ЕФЕ, ФЕНА, МИА, СТА, Танјуг


За време на прославувањето на Денот на Европа- 9 мај, земјите-членки на ЕУ и оние со амбиции за пристапување размислуваа за достигнувањата на блокот и идните планови за Унијата. Денот кога се промовира мир и единство низ целиот континент се совпаѓа со прославувањето на Русија, меѓу другите земји, за победата над нацистичка Германија во 1945 година.

Војната во Украина, трговско-економски спорови со Кина и САД, инфлација – ЕУ се соочува со предизвици од многу страни. Лидерите на Европската Унија го одбележаа Денот на Европа и разговараа за актуелните теми од агендата на блокот.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во вторникот повика на поголема глобална соработка под еднакви услови, наместо стремеж да се претвори Европската Унија во трета „светска сила“ покрај САД и Кина, а пак претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, покажа солидарност со Украина во Киев.

Европскиот комесар за управување со кризи, Јанез Ленарчич, во Словенија говореше за достигнувањата на ЕУ во однос на единствениот пазар, Шенген зоната, еврото и програмата Еразмуз, но изјави дека визијата на пионерот на ЕУ Роберт Шуман сѐ уште не е остварена. „Европа сѐ уште нема постигнато мир“, изјави комесарот.

Украина го прослави 9 мај – Денот на Европа

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, ја испеа контра песната на Киев за Денот на победата на Русија, при нејзината посета на главниот град на Украина по повод првото одбележување на Денот на Европа во Украина. ,,Тука секојдневно се бранат вредностите кои нам многу ни значат” истакна претседателката на Европската Комисија. Но Лајен и украинскиот претседател Володимир Зеленски не разговараа само за идеи и принципи.

Стоејќи покрај претседателката на Европската Комисија, претседателот Зеленски ја повика ЕУ да ја забрза испораката на муниција, да ги укине ,,неприфатливите” ограничувања за извозот на украинско жито и да започне преговори за влез на Украина во ЕУ. ,,Дојде време да се отстрани вештачката политичка несигурност во односите меѓу Украина и ЕУ”, изјави Зеленски за медиумите на заедничката прес-конференција.

По разговорите во Киев, Фон дер Лајен јасно стави до знаење дека според неа Украина е многу сериозна за остварувањето на нејзините ЕУ амбиции. „Ја завршувам оваа посета воодушевена повеќе од кога било досега од решителноста на Украинците и покрај огромните предизвици со кои се соочуваат. Мора да продолжиме да ги поддржуваме,” изјави таа за новинар на АФП, претставник за Европската редакција.

Следниот месец Фон дер Лајен треба да ги информира лидерите на земјите членки на ЕУ, а во октомври да им предаде извештај за напредокот на Украина во демократските и антикорупциските реформи. Тогаш, членките ќе треба да одлучат дали да се започнат официјални преговори за членство во ЕУ.

Има многу волја во однос на Украина во главите градови на ЕУ, но и скептицизам дали земја со толку проблематична понова историја ќе биде подготвена да започне разговори за членство оваа година. Брисел проценува дека откако ќе започнат, преговорите би можеле да траат шест до десет години, додека Киев е поголем оптимист.

ЕУ27+: Ветувања, единство и фер проширување?

„Им рековме на земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија, вие припаѓате со нас, ние сакаме да станете членки на Европската Унија“, посочи германскиот канцелар Олаф Шолц за време на неговиот говор во Европскиот Парламент на 9 мај. Додаде дека не се работи за алтруизам, „туку за кредибилитет и економски интерес“, како и за напорите да се обезбеди мир во Европа, особено по нападот на Русија врз Украина.

Шолц додаде дека фер политиката на проширување значи исполнување на ветувањата што им беа дадени на сите земји од Западен Балкан, на кои пред 20 години им беше ветена европската перспектива. „Геополитичка Европа мора да ги исполни ветувањата кон своите соседи“, рече тој.

Шпанија, која го презема ротирачкото претседатество со ЕУ на 1 јули, го одбележа Денот на Европа со настани низ целата земја. Шпанската влада има за цел да ги зајакне односите на ЕУ со Латинска Америка бидејќи, според шпански дипломати, Европа треба да се отвори кон „сигурни партнери“ со цел да ги загарантира синџирите на снабдување во деликатно време за ЕУ, во геостратешка смисла.

Стабилизација на Балканот и спротивставување на руското и кинеското влијание

Лидерите на Европската Унија веќе се заложија за зајакнување на врските со Западен Балкан на Самитот ЕУ-Западен Балкан во декември 2022, дополнително поттикнати од војната на Русија во Украина. Војната ја истакна важноста ЕУ да го доведе Балканот во својата орбита, да се стабилизира регионот и да се спротивстави на влијанието на Русија и Кина.

И шпанската дипломатија го постави зближувањето со Западен Балкан како еден од своите приоритети, како што истакна министерот за надворешни работи на земјата Хозе Мануел Албарес за време на турнејата низ Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Северна Македонија минатиот месец. Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар исто така изјави дека верува во повеќе Европа и ја промовира во Западен Балкан, бидејќи верува дека тоа ќе донесе поголема стабилност во регионот.

Во меѓувреме, прославите на 9 мај покажаа дека двата ентитета на Босна и Херцеговина имаат многу поинаков поглед на иднината на земјата во однос на политиката и претстојното членство во ЕУ: додека Федерацијата на Босна и Херцеговина го прославуваше Денот на Европа со бројни културни настани, Република Српска го прослави денот како Ден на победата над фашизмот – како Русија.

Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис и Андреја Стојковски од „Преспа“ – Институтот, имаат покритички поглед на актуелниот процес на проширување. „И покрај ургентноста на моментот со војната во Украина кој што наводно пред година дена се очекуваше да го забрза процесот, нема суштински поместувања во делот на проширување. ЕУ нема единствена визија за проширувањето, а нема ни интерес кај земите-членки за процесот ниту за дефинирање на некакви рокови за ново проширување,“ оценуваат тие во анализа за Медиумската Информативна Агенција (МИА) по повод Денот на победата над фашизмот – 9 Мај.

Фото: TASR/Frantiek Iván

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK