Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција МАЕИ на неделните локални избори своја советничка листа има само во Пустец, а во други градови нејзини кандидати се на листите на владејачката Социјалистичка партија.
– Во општина Пустец настапуваме со наша кандидатска листа за 15-члениот општински совет. Носител на листата е Таќо Гроздани, генерален секретар на Партијата. Во други општини, меѓу кои Тирана, Корча, Подградец, Кукс имаме кандидати на листите на Социјалистичката партија, изјави за МИА, партискиот лидер Васил Стерјовски.
Додава дека врз основа на договорот со Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама, кандидатот за градоначалник на Пустец иако е од редовите на оваа партија тој се смета за заеднички кандидат.
Стерјовски упатува апел жителите на општина Пустец да гласаат за советничката листа на МАЕИ, која е под број 29, за број 2 Пали Колефски за градоначалник и во останатите 60 општини да гласаат за кандидатите за градоначалници и советничките листи на СП.
Во единствениот избирачки список во општина Пустец запишани се 4.364 лица со право на глас.
На јунските локални избори во 2019 година на гласање излегоа половина од вкупната бројка, што главно е поради масовната миграција на населението, појава присутна на целата територија на Албанија.